Во мај следната година во употреба ќе биде ставена првата половина од автопатот Кичево-Охрид (од село Арбиново до Охрид), а до крајот на 2026 целиот автопат во должина од 57 километри.
– Наследивме катаклизмична состојба со инфраструктурните проекти. Конечно оние два фамозни километри од автопатот кон Блаце се завршени и наскоро ќе бидат пуштени во употреба. Остануваат да се реализираат уште десетина километри. Тој проект наскоро ќе почне со реализација – рече Мицкоски на прес-конференцијата по повод 100 дена од работењето на новата влада.
Нагласи дека познати имиња кои се блиски на ДУИ се наоѓаат на трасата на овие 10 километри од автопатот.
– Предизвици има и ќе ги решаваме. Оставена е страшна состојба и со проектите поврзани со коридорите 8 и 10д за кои освен авансот од 300 милиони евра буквално немаше никаков прогрес. Немаше ниту еден отсто прогрес направен од европејциве и про-западниве на кои од европското изгледа само еврото им било важно – потенцира Мицкоски.
Тој најави дека завршува изградбата на експресниот пат Чатал-Длабочица-Крива Паланка кој е дел од коридорот 8 што треба да го поврзе Куманово со граничниот премин Деве Баир со Бугарија. Привршуваат, како што кажа, и работите на експресниот пат Градско-Росоман-Фариш и се очекува до крајот на годината да биде пуштен во употреба.