„Годинава конечно ќе заврши конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на Стариот конак кој претставува интегрален дел од манастирскиот комплекс ‘Св. Атанасиј’ во Лешок. За реализација на овој проект, кој е од исклучително значење не само за Министерството за култура и туризам, туку и за Република Македонија, обезбедивме 6 милиони денари и очекувам негово завршување до крајот на годината“, информираше министерот за култура и туризам Зоран Љутков, при вчерашната посета на најголемиот духовен центар во Тетовско, каде што се сретна и со митрополитот тетовско-гостивараски г. Јосиф.
Заедно со в.д. директорката на Националниот конзерваторски центар, Цветанка Хаџипецова, и стручниот тим ги најавија и активностите за конзервација и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Според информациите од конзерваторите од Национален конзерваторски центар откриениот, трет, најстар слој фрески во црквата ‘Св. Богородица’ сведочи за повеќевековниот континуитет на опстојување на ова споменично добро во манастирскиот комплекс во Лешок. До крајот на годината очекувам да бидат пошироко дефинирани површините со најстариот живопис и да се предложат натамошни мерки за конзерваторските зафати“, додаде Љутков.
Благодарност до надлежните институции за преземените активности упати надлежниот митрополит на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ – ОА, г. Јосиф. Тој информираше дека завршувањето на манастирскиот конак со капацитет од 50 легла, кој заедно со спомен-собата на Кирил Пејчиновиќ и сите оние придружни содржини што се внатре во самиот конак, ќе биде од особено значење за развој на манастирскиот туризам.
Инаку, Лешочкиот манастир претставува најголем духовен центар во Тетовско. Во овој манастирски комплекс се сместени две цркви и тоа „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“ како и спомен-собата и гробот на Кирил Пејчиновиќ, еден од најпознатите македонски преродбеници од 19 век.
Во манастирските конаци има параклис посветен на светите Кирил и Методиј. Манастирот првпат е основан во 1321 година од страна на епископот полошки Антониј. Комплетното заживување, кое е видливо и денес, се должи на доаѓањето на Пејчиновиќ од Света Гора, во 1818 година, кога се обновени манастирските конаци и кога е основана манастирската библиотека. Во тоа време Лешок прераснал во книжевен и просветен центар.
Во разни документи се споменува дека во Лешок со околината имало дури 44 цркви. Денес во Лешок има три активни цркви и една капела-параклис; Св. Атанасиј од 14 век, Св. Атанасиј од 20 век, Св. Богородица од 19 век и капелата-параклис Св. Кирил и Методиј од 20 век, сместена во конакот, како и остатоци од пет цркви и параклиси од средниот век („Св. Никола“, „Св. Врача“, „Св. Петка“, „Св. Марена„ и „Св. Илија“). Посебно се истакнуваат културните и духовните вредности на црквата „Св. Атанасиј“ од 14 век, која има древна старост и била седиште на првиот полошки епископ Јоаникије, и која со закон е прогласена за споменик на културата.
Имено, црквата „Свети Атанасиј“ има долги традиции, богата и славна, ама и полна со трагични настани низ историјата, при што повеќепати е палена или уништувана и обновувана.