Во Курск загина српскиот платеник Братислав Живковиќ, пишуваат руските медиуми

256

Српскиот платеник Братислав Живковиќ, кој се борел на страната на Русија во војната против Украина, наводно бил убиен во борбите во Курск, според руските Телеграм канали. Информацијата за смртта на Живковиќ не е официјално потврдена.

Братислав Живковиќ (1975) загина во нападот во Курск“, пренесуваат на профилите на X, поранешен Твитер.

„Во текот на ноќта, на 2 јануари, нашиот пријател и брат, командант на јуришниот вод, Братислав Живковиќ, загина како херој во тешките борби за ослободување во областа Курск“, пишува во руската група Телеграм.

А, на Фејсбук страницата посветена на Живковиќ пишува дека тој повеќе не е меѓу живите.

Живковиќ со години беше познат по неговите активности во странски воени конфликти, особено во Украина, каде што се бореше на страната на проруските сепаратисти. Неговото учество во овие конфликти започна во 2014 година, кога отиде на Крим како водач на група српски доброволци, за време на руската анексија на тој украински полуостров.

Живковиќ беше во центарот на бројни контроверзи и во Србија. Во 2018 година беше уапсен под сомнение дека организирал учество на српски државјани во странски воени конфликти, нудејќи им месечен надомест од 200 евра. Според информациите, средствата за ангажманот дошле од буџетот на самопрогласената Луганска народна република, а не директно од Русија, како што се шпекулираше.

Во 2017 година, Живковиќ поради неговите постапки беше означен како закана за националната безбедност на Романија. Нему му беше забранет влез во земјата 15 години, откако беше фатен како фотографира воени радари на брегот на Црното Море и се обидува да ги пренесе нивните ГПС координати. Забраната подоцна беше проширена и на другите земји на НАТО.

Во 2023 година, Живковиќ беше присутен во публиката за време на говорот на рускиот претседател Владимир Путин, кој беше снимен од камерите на руските државни агенции.

ИЗДВОЕНИ