Во Кремљ пијат вотка од шише, Трамп ќе почне разговори за крај на војната во четири очи – со Путин

35

Претседателот Трамп практично му се предаде на Владимир Путин пред преговорите за судбината на Украина, прокоментира Џон Болтон, кој беше советник за национална безбедност во првиот мандат на Трамп. Тој смета дека изјавите на Трамп би можеле да бидат напишани во Кремљ и, како што рече, можеби веќе и се напишани во Кремљ и пуштени на пропагандните канали. По телефонските разговори на Трамп со Путин и со Зеленски, во средата вечерта се состанаа министрите за надворешни работи на шест европски земји и на Украина и истакнаа дека Европа и Киев мора да учествуваат во сите преговори за решавање на руско-украинскиот конфликт

 

Саудиска Арабија е местото каде што американскиот претседател, Доналд Трамп, ќе ги почне разговорите за мир во Украина, но не во шест, туку во четири очи. Така барем најави по долгите и, како што рече, продуктивни одвоени телефонски разговори, прво со рускиот претседател, Владимир Путин, а потоа и со украинскиот – Володимир Зеленски, кои ги имаше во средата.

Во Саудиска Арабија, во присуство на престолонаследникот Мохамед бил Салман, Трамп најави дека ќе се сретне со Путин.

– На крајот, очекуваме дека ќе се сретнеме. Всушност, очекуваме тој да дојде овде, а јас ќе одам таму и ќе се сретнеме, веројатно, во Саудиска Арабија за прв пат, да видиме дали можеме да направиме нешто – им рече тој на новинарите на прес-конференција во Овалната соба, по разговорот со рускиот претседател и додаде дека датумот за состанокот не е одреден, но дека ќе се случи тоа во не толку далечна иднина.

Појасни дека во телефонскиот разговор со Путин, кој траел околу час и половина, се договориле да работат заедно и се согласиле дека сакаат да ги запрат милионите смртни случаи во војната меѓу Русија и Украина.

Веднаш потоа, тој му се јавил на Зеленски, со кого, според „Киев индепендент“, исто така разговарал повеќе од еден час.

– Само што завршив со разговорот со Доналд Трамп. Долг разговор за можноста за постигнување мир. За нашата желба да работиме заедно. За нашите технолошки способности, вклучувајќи беспилотни летала и друга модерна инфраструктура. Украина сака мир повеќе од кој било друг. Дефинираме заеднички чекори со Америка за запирање на руската агресија и за гарантирање долги и стабилни мирни односи – изјави украинскиот претседател.

Според него, во телефонскиот разговор претседателите се согласиле да одржуваат понатамошни контакти и да планираат идни состаноци.

Претседателот Трамп практично му се предаде на Владимир Путин пред преговорите за судбината на Украина, прокоментира Џон Болтон, кој беше советник за национална безбедност во првиот мандат на Доналд Трамп.

– Сосема е јасно дека Путин вечерва извојува неколку победи. Тој не сака да преговара со Зеленски, тој сака да преговара со Трамп, бидејќи мисли дека тоа ќе биде поповолно за Русија. И тој е апсолутно во право. Путин не може да биде посреќен. Ви велам, тие вечерва пијат вотка директно од шише во Кремљ. Тоа беше одличен ден за Москва – рече Болтон.

Тој смета дека изјавите на Трамп би можеле да бидат напишани во Кремљ и, како што рече, можеби веќе и се напишани во Кремљ и пуштени на пропагандните канали. Болтон смета дека ова е целосен пресврт во однос на позициите на САД и на НАТО и дека капитулацијата ќе биде потпишана од Доналд Трамп.

Европа во моментов е изолирана, но не сака да остане таква. Ваквиот развој на ситуацијата е целосно во режија на Трамп, а дека Европа е оставена настрана потврди и портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, која на прашањето дали ќе бидат вклучени некои европски земји во мировните преговори, одговори: „Во моментов, ниедна европска земја не е вклучена“.

Веднаш по разговорите на Трамп со Путин и со Зеленски се состанаа министрите за надворешни работи на шест европски земји – Франција, Италија, Германија, Полска, Шпанија и Велика Британија – и на Украина и потврдија дека Европа и Киев мора да учествуваат во сите преговори за решавање на руско-украинскиот конфликт.

– Нашите заеднички цели треба да вклучуваат ставање на Украина во позиција на сила. Украина и Европа мора да бидат дел од какви било преговори. На Украина мора да ѝ се обезбедат цврсти безбедносни гаранции. Праведен и траен мир во Украина е клучен услов за силна трансатлантска безбедност – се вели во заедничката изјава.

Сепак, САД и ЕУ се на различни позиции кога е во прашање начинот на кој треба да ѝ се стави крај на војната, ако се има предвид изјавата на американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, непосредно пред телефонскиот разговор Трамп – Путин. Тој практично го објави американскиот мировен план, изјавувајќи дека враќањето на Украина на границите од 2014 година е нереално и дека САД не го гледаат членството на Киев во НАТО како дел од решението за војната.

Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, нагласи дека Европа мора да биде вклучена во какви било преговори и додаде дека ќе било подобро САД да не направеле отстапки за Русија уште пред да почнат преговорите, мислејќи на прашањето за членство на Украина во НАТО и можните територијални загуби.

Се вмеша и Кина, со понуда Пекинг да биде местото за средба на Трамп и Путин. Но, САД и Европа се скептични во врска со тој предлог, имајќи ги предвид блиските релации меѓу Пекинг и Москва.

 

ИЗДВОЕНИ