Во Косово затворени паралелните српски институции во десет општини

5
Фото screenshot KoSSev

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла објави дека од утрово во Косово се затворени сите паралелни институции поврзани со Србија, пренесуваат косовските медиуми.

Информацијата Свечла ја објави и на својот фејсбук-профил потврдувајќи дека се затворени сите паралелни институции поврзани со Србија што функционираат во Косово.

Полициски дејствија, според Свечла, се преземени во општините Липјан, Обилиќ, Приштина, Фуше Косово, Вуштри, Ново Брдо, Каменица, Вити, Раховец и Скендерај.

„Со оваа акција се става крај на ерата на српските паралелни и криминални општини и институции во Република Косово“, кажа тој.

На видеото што го објави Свечла се гледа и косовскиот министер за локална самоуправа Елберт Красниќи, кој рече: „од денеска конечно се затворени 28 паралелни криминални српски општини на Косово“.

Властите во Косово велат дека работата на овие српски институции, кои функционираат од повоениот период во 1999 година, е „незаконска“.

Во градовите и населените места каде што живее српската заедница на Косово, функционираат општини, компании, градинки, основни и средни училишта и јавни универзитети, кои беа директно финансисрани од српската влада, а кои според законските закони беа третирани како незаконски.

ИЗДВОЕНИ