Во кочанската болница има услови, но фали кадар и материјали

190

Нови 17 пациенти од повредените од пожарот во Кочани вчера беа испишани од клиниките во земјава и во странство. Испис на девет пациенти во земјава најави министерот за здравство Арбен Таравари, како и враќање на осум пациенти од четири странски држави – по двајца од Белгија, Австрија, Турција и Хрватска. Таравари рече дека здравствените власти во земјава добиваат сè повеќе податоци за пациенти кои се екстубирани, кои се префрлени на одделение или за кои се планираат операции од пластични хирурзи и се надева дека во наредните денови сè повеќе пациенти ќе се враќаат во Македонија. Тој посочи и дека четворицата пациенти остануваат критични, но со малку подобра слика.

– Вкупно во Скопје се лекуваат 24 пациенти. Во Клинички центар седум, во стара Градска болница шест и во Градска болница 8 септември осум пациенти, во приватните клиники три. Од вкупно 24 денеска девет ќе бидат испишани, тие се во добра стабилна состојба и може да продолжат со домашно лекување. Практично утре ќе имаме 15 пациенти од кои ќе видиме дали ќе има нови за испис. Вчера се вратија пациенти, еден од Атина и четири од Шпанија. Вкупно надвор од државата се лекуваат 108. Денеска се најавени осум пациенти да се вратат. Двајца во Белгија, двајца во Австрија, двајца во Турција и двајца во Хрватска, практично утре ќе останеме со бројка 100, и еден пациент во Шведска е сместен во хотел, продолжува повремено да оди во болница додека го испишат и него. Имаме најави и за повеќе пациенти кои следниве денови ќе се враќаат, но ќе информираме за нив дополнително, рече тој.

Министерот додаде дека генерално сите се во стабилна и добра состојба освен четворицата пациенти кои сè уште се критични.

-Меѓутоа, кога велам критични, денеска се малку подобро од што биле вчера, но сè уште се во релативно тешка здравствена состојба, изјави Таравари.

Директорката на пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, вчера рече дека тим од клиниката во средата бил во Кочани, при што било утврдено дека има услови, но нема доволно кадар.

– Видов дека има добри услови, но нема доволно кадар и материјали со тоа што заедно со Министерството ги правиме и тимовите кои би оделе таму за преврски и потребните материјали, рече таа и апелираше да се внимава во однос на мелемите кои се нудат по социјалните мрежи, бидејќи не се знае од какво потекло се и дали се стерилизирани.

Здравствените власти информираа и дека четворица пациенти кои во средата се вратија од Шпанија се испратени дома во одлична здравствена состојба, додека едниот пациент од Атина е задржан со цел да се утврди во целост неговата состојба. Изгорениците кај овој пациент биле целосно зараснати, но по направените токсиколошки лабораториски анализи било решено тој да остане.

– Кај нас беа двајца пациенти кои беа примени уште првиот и вториот ден беа стабилни, меѓутоа сè уште не бевме до крај задоволни од испитувањата кои ги правевме. Вчера беа примени четворица пациенти кои се вратија од Шпанија веднаш беа опсервирани и проверени, сите добија одредена терапија. Денеска на визита повторно ги видовме, зедовме и токсиколошки и лабораториски анализи. Повторно сите наоди се во референтни вредности, пациентите се со стабилни клинички параметри и денеска и тие четворица и тие двајца кои на почетокот ги примивме, ги испративме дома во одлична здравствена состојба, изјави директорот на Клиниката за токсикологија, доктор Андон Чибишев. (В.С.Н.) 

 

ИЗДВОЕНИ