Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во Киев дека му треба повеќе оружје и посилен дипломатски ангажман од западните земји за да се постигне „праведен мир“ во конфликтот со Русија, додека германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Москва нема да може да ги диктира условите на мирот за Украина.
Шолц, кој се обидува да се претстави како миротворец, денеска ненадејно дојде во Киев, нешто повеќе од две недели по неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Тоа е прва посета на Шолц на Украина од летото 2022 година, во време кога украинските сили се повлекуваат од фронтот и кога претстојното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа ги подгрева стравувањата за прекин на американската помош за Киев.
На заедничката прес-конференција по средбата, Зеленски рече дека Русија „не дава подароци“ и дека мирот „може да се гарантира само со силата на оружјето, дипломатијата и соработката“ меѓу Украина и западните земји, според Франс прес.
Зеленски рече дека за Киев е од клучно значење Берлин да не ја намали поддршката за Украина следната година и додаде дека ќе продолжи со разговорите со Шолц за испорака на ракети Таурус, способни да погодат руска територија. Засега Берлин одбива да ги испорача тие проектили на Киев, плашејќи се од руски одговор.
„Постојано работиме за да најдеме поширок заеднички именител во прашањето за тие ракети“, рече Зеленски, додавајќи дека тоа оружје ќе и помогне на Украина „да нападне повеќе воени цели во Русија“.
Сепак, малку е веројатна промена на ставот на Берлин, во време кога Путин се заканува дека ќе ги таргетира западните земји кои ѝ дозволуваат на Украина да ги користи нивните ракети, првенствено САД и Велика Британија.
Меѓу Киев и Берлин има несогласување и за НАТО – викендов Зеленски повторно побара покана за Украина за членство во НАТО, наведувајќи дека тоа е „неопходно за опстанок“ на земјата, а Германија се противи. Москва постојано предупредува дека влезот на Украина во НАТО за неа претставува „црвена линија“ која не смее да се премине.
Денеска Шолц го увери Зеленски дека не сака да ѝ попушти на Русија и најави дека Германија во декември ќе достави воена помош во Киев во вредност од 650 милиони евра.
Тој рече дека „ништо поврзано со Украина нема да се решава без Украина“, што значи дека Русија нема да ги диктира условите за мир при евентуалните преговори.
На теренот, украинските сили се во тешка позиција, бидејќи им недостигаат и оружје и војници. Руската армија напредна 725 квадратни километри од украинската територија во ноември, што е нејзина најголема територијална добивка за еден месец од првите недели од инвазијата, која започна на 24 февруари 2022 година.