Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, објави снимки од загрижени граѓани што го покажуваат дивеењето на млади во Капиштец.

– Општина Центар откако неколкупати досега алармираше за дивеењето на делови во општината до јавноста испраќа видеоснимки со цел да се види загрижувачкото однесување на младите. Видеоснимките на кои се гледаат сцени на деструкција, вандализам и тероризирање на јавниот простор наменет за деца, до општината ги испратија исплашени граѓани од околните згради близу детското игралиште во Капиштец – велат од општина Центар.

Градоначалникот Герасимовски во многу наврати досега информираше за дивеење и уништување на детските игралишта и урбаната опрема во општината. Минатата недела беше обиен и ограбен комуналниот пункт на Општина Центар во Капиштец од каде што беа украдени алатките и опремата што ја користат хигиеничарите.

– Општинските служби речиси секојдневно наоѓаат искршени клупи, канти, канделабри, дел од детски реквизити, огради и затекнуваат пешачки патеки полни со ѓубре и искршени стакла. Сите овие случаи како и видеоснимките општината ги достави до надлежните институции. Се надеваме дека институциите, но и граѓаните по објавениот видеоматеријал сериозно ќе ги сфатат случувањата во ноќните часови на детските игралишта особено во Капиштец – се наведува во соопштението од општина Центар.

Герасимовски пред два дена за овие случувања се сретна со началникот на СВР – Скопје, Сашо Топаловски, со кого договори конкретни чекори за враќање на мирот во деловите од општината што се мета на хулигани и вандали. Покрај институциите Герасимовски ги повикува и граѓаните и родителите на будност и блискост со своите деца.

– Агресивното однесување не носи ништо добро но да не се дозволи да стане полошо. Општина Центар ќе продолжи да известува и наоѓа механизми сè додека овие појави не запрат. Парковите и игралиштата се места за рекреација, а не депонии на несовесни поединци. Нема да дозволиме ова да биде сликата на граѓаните. Агресивното однесување, вандализирањето и кражбите не смеат да поминат неказнето и сите вакви немили случаи мора навремено да се расчистуваат – велат од општина Центар.