Комисијата тврди дека одредени дејствија на израелските власти намерно им отежнале или им оневозможиле на палестинските жени да се грижат за своето репродуктивно здравје, што би довело до долгорочно намалување на палестинското население во Газа, што е еден од геноцидните акти според Римскиот статут и Конвенцијата за геноцид. Израел е потписник на Конвенцијата за геноцид, но не е потписник на Римскиот статут, кој му дава јурисдикција на Меѓународниот кривичен суд да суди поединечни случаи на геноцид и злосторства. Контрадикторни информации за иднината на Палестинците во Газа по договорот за мир
Израел изврши „геноцидни постапки“ врз Палестинците за време на конфликтот во Газа, систематски уништувајќи ги здравствените установи за жени и користејќи сексуално насилство како воена стратегија, наведуваат експертите на Обединетите нации во новиот извештај, што Израел го негира.
Комисијата тврди дека одредени дејствија на израелските власти намерно им отежнале или им оневозможиле на палестинските жени да се грижат за своето репродуктивно здравје, што би довело до долгорочно намалување на палестинското население во Газа, што е еден од геноцидните акти според Римскиот статут и Конвенцијата за геноцид.
Според извештајот, оваа акција, заедно со зголемувањето на смртните случаи на бремени жени поради ограничениот пристап до медицински материјали, претставува злосторство против човештвото – истребување. Извештајот ги обвинува израелските безбедносни сили дека користеле присилно јавно соблекување и сексуален напад како дел од нивните стандардни оперативни процедури за казнување на Палестинците, по нападот предводен од Хамас врз јужен Израел во октомври 2023 година.
Постојаната мисија на Израел при ОН во Женева ги оцени обвинувањата како неосновани, пристрасни и без кредибилитет.
-Израелските одбранбени сили – ИДФ имаат конкретни насоки и политики кои недвосмислено забрануваат такво однесување, соопшти постојаната мисија на Израел во ОН, додавајќи дека нивните процеси за ревизија се во согласност со меѓународните стандарди.
Претходниот извештај објавен од Комисијата во јуни 2024 година го обвини Хамас и другите палестински вооружени групи за сериозни прекршувања на правата на Палестинците во нападот на 7 октомври 2023 година, кои вклучуваат и тортура и понижувачко постапување. Израел е потписник на Конвенцијата за геноцид и според одлуката на Меѓународниот суд на правдата од јануари 2024 година, му беше наредено да преземе мерки за спречување геноцид за време на војната против Хамас. Но, Израел не е потписник на Римскиот статут, кој му дава јурисдикција на Меѓународниот кривичен суд да суди поединечни случаи на геноцид и злосторства.
Јужна Африка поднесе тужба против Израел за геноцид во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.
За понатамошната судбина на Палестинците во Газа, по прекинот на огнот и најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги исели за да изгради ривиера за богати, доаѓаат контрадикторни информации. Во вторникот израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич информира дека е во тек формирање парламентарни групи и во Израел и САД, кои ќе работат на динамично спроведување на планот на Трамп за преземање на Појасот Газа и раселување на Палестинците од енклавата.
-Само да ви дадам концепт за динамиката на спроведување на идејата: Ако отстрануваме 10.000 луѓе дневно, седум дена во неделата, ќе бидат потребни шест месеци. Или, пак, ако отстрануваме 5.000 луѓе дневно, ќе треба една година. Се разбира, ова е под претпоставка дека имаме земји, локации подготвени да ги прифатат и да ги сместат раселените лица. Но ова се многу, многу, многу долги процеси, рече тој во израелскиот парламент.
Истиот ден како одговор на прашање за време на состанокот во Белата куќа со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Трамп рече дека никој не ги протерува Палестинците од Газа, што Хамас го протолкува како негово повлекување од предлогот за трајно раселување на Палестинците од Газа. Портпаролот на Хамас, Хазем Касем го поздрави овој потег и го повикува Трамп да се воздржи од согласување со визијата на „екстремната ционистичка десница“.
-Ако изјавите на американскиот претседател Трамп претставуваат повлекување од каква било идеја за раселување на луѓето од Појасот Газа, тие се добредојдени, рече Касем.
Како што е познато минатиот месец Трамп предложи американско преземање на појасот Газа откако претходно предложи Палестинците во енклавата да бидат трајно раселени.