Во Ирак девојчињата ќе можат да се мажат на 9 години, за активистите така се  легализира силувањето деца

130

Ирачкиот парламент во вторникот усвои три нацрт-закони, меѓу кои и амандмани на законот за личен статус за кои противниците велат дека всушност ќе ги легализира детските бракови.

Амандманите им даваат на верските власти зголемени овластувања за семејни прашања, вклучувајќи брак, развод и наследство. Активистите тврдат дека тоа го поткопува ирачкиот Закон за личен статус од 1959 година, кој го обедини семејното право и воспостави заштитни мерки за жените. Тој закон моментално одредува 18 години како минимална возраст за брак во повеќето случаи. Промените усвоени во вторникот ќе им овозможат на свештениците да владеат според нивното толкување на исламскиот закон, што дозволува брак на девојчиња во раните тинејџерски години, дури и на возраст од 9 години. За шиитските муслимани, кои се мнозинство во Ирак, најниската возраст за брак за девојчињата ќе биде 9 години, додека, пак, за сунитите, официјалната возраст ќе биде 15 години.

Активистите за човекови права ова го толкуваат како легализација на силувањето деца.

Промените на регулативата, кои се со ретроактивно дејство, се поттикнати од конзервативните шиитски пратеници, а оние кои ги поддржуваат велат дека се средство за усогласување на законите со исламските принципи и за намалување на западното влијание врз ирачката култура.

Според истражување на ОН во Ирак, 28 проценти од девојчињата биле мажени пред да наполнат 18 години.

Половина од пратениците не гласале за овие измени, но потоа сите три закони на дневен ред се гласани во пакет.

Со еден од новите изгласани закони се предвидува општа амнестија, кој се смета дека е во корист на сунитските притвореници, а тоа се толкува како можност за слобода на лица вклучени во корупција и проневера. Усвоен е и закон за враќање на земјиштето, чија цел е да се решат територијалните барања на Курдите.

 

ИЗДВОЕНИ