За здрава бременост: Во интегралното пченично брашно во Обединетото Кралство ќе се додава фолна киселина

24

Фолната киселина ќе се додадава во интегралното пченично брашно во Обединетото Кралство за да се спречат вродени дефекти, пишува Би-би-си.

Додавањето фолна киселина во брашното може да спречи околу 200 случаи на дефекти на невралната туба, како што е спина бифида, секоја година и да го подобри здравјето на бремените жени, вели владата, која им дава рок на производителите до крајот на 2026 година да се прилагодат.

Идните мајки и жените кои се обидуваат да забременат треба да продолжат да земаат додатоци на фолна киселина – синтетичка верзија на фолати – како што моментално советуваат лекарите. Фолната киселина е особено важна во раната бременост бидејќи помага во правилниот развој на мозокот, черепот и ‘рбетниот мозок на детето.

Експертите, од кои многумина веќе неколку години повикуваат на тој потег, ја поздравија одлуката на Владата.

Соопштението следи по здравствените подобрувања во други земји, како Австралија и Канада, каде што практиката е веќе во сила.

Некои, сепак, велат дека промената не оди доволно далеку и дека треба да се вклучи повеќе храна.

Нина Моди, професорка по неонатална медицина на Империал колеџ во Лондон, рече дека „ќе ги стави во неповолна положба групите како што се жените чувствителни на глутен, кои претпочитаат ориз наместо леб и производи од интегрално брашно“. Ова придонесува за значителни здравствени нееднаквости што веќе постојат во ОК.

Фолната киселина, позната и како витамин Б9, се наоѓа во гравот и зелениот зеленчук, што значи дека повеќето луѓе добиваат доволно од редовна, здрава исхрана.

Дополнително, британската Национална здравствена служба (NHS) препорачува жените кои се обидуваат да забременат да земаат додатоци на фолна киселина приближно три месеци пред бременоста и најмалку 12 недели по зачнувањето. Оваа препорака останува во сила.

Се проценува дека половина од сите бремености во ОК се непланирани. Оттука, збогатувањето на брашното ќе помогне да се зголеми внесот на фолна киселина кај населението и, индиректно, подобро да се заштитат неродените бебиња.

Ќе бидат изземени малите мелничари кои произведуваат помалку од 500 метрички тони брашно годишно. Брашното е веќе збогатено со калциум, ниацин (витамин Б3), тиамин (витамин Б1) и железо за да се подобри јавното здравје.