Две големи „божества“ го спасуваа вчера градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов, првото преку локалниот свештеник кој ја повика разјарената толпа која го бараше дома да излезе и да се соочи со нив и второто преку партискиот лидер премиерот
Христијан Мицкоски кој од почетокот на трагедијата убедува дека нема вина кај Папазов фокусирајќи ја одговорноста пред се во министерството за економија, заради нелегалната лиценца за работа. Во меѓувреме градоначалникот беше повикан на разговор од две институции, МВР како што тврди министерот за полиција Панче Тошкоски и Јавниот обвинител. Во првиот случај давал корисни информации, а во вториот бил сослушуван како дел од предистражната постапка. Еве ги фактите со кои треба да се соочи таткото на градот.
Во Законот за угостителска дејност, стои дека мора да бидат исполнети минимално технички услови, односно, санитарно-здравствени услови, условите за заштита при работа, заштитата и унапредување на животната средина, противпожарна заштита и
условите за заштита од бучава. Во законот убаво си стои каде треба сопственикот на објектот, во случајот кабаре, треба да се пријави откако ќе ги исполни горенаведените услови-во Државниот пазарен инспекторат, кај градоначалникот на општината, најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на угостителскиот објект. Ако се знае и дека сопственикот на дискотеката реновирал минатото лето, тогаш повеќе од сигурно е дека првиот човек на градот морало да ги знае условите во објектот, кој пак да бидат работите уште по замрсени, имал дозвола за градба за лесна индустрија. Но, кабарето во кое згаснаа 59 млади животи и трипати повеќе ќе живеат до крајот на животот со изгорениците и траумите од кобната ноќ, не исполнувало ни минимум од предвидените услови за работа. Напротив, кровот бил обложен со ефтина звучна
излолација која брзо гори, немало противпожарни апарати, хидранти, со само една врата која створи стампедо за спасување на жива глава.
Дискотеката Пулс не постои на интернет мапите, на улицата каде угостителскиот објект има добиено фалсификувана, според властите, дозвола, има неколку конфекции, за што објектот и добил дозвола за градба пред 20-на на години. На интернет страницата на Општина Кочани, во биографијата на градоначалникот стои дека тој пред да влезе во политиката бил трговец, а фирмата во која работел е на само 5 минути од сега импровизираната дискотека.
Оставајќи ги на страна релациите кои во мало градче како Кочани со близу 25 илјади жители се природно блиски, дел од надлежностите на градоначалникот според она што го пишува на општинската веб страница е да го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон се делегирани на општината и да решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со закон… Ама тоа обезбедува, надгледува, и на крајот најважното согласно закон го нема. Неколкупати се менувале фирмите и управителите кои стоеле зад вистинскиот сопственик на дискотеката. Е па граѓаните тоа го знаат и тоа се виде на вчерашните протести кога кафулиња и возила беа каменувани, за на крај да завршат пред општинската зграда, знаат кочанчани и со прво бараат целосно расветлување на случајот.
Коментар на Пандорче Антеска