Странската работна сила не ја намали цената на трудот, туку одговори на сите предизвици на хрватската економија, посочи хрватскиот министер за труд, Марин Пилетиќ. Тој деновиве, како што пренесува Пословни.хр, ги изнесе деталите за измените на Законот за странци, со кои ќе се продолжат дозволите за престој и работа за три години и ќе се воведат стандарди за нивно сместување.
Бројот на барања за дозволи за странски работници не е еднаков со бројот на странски работници што работат моментално во Хрватска, а, според податоците на Заводот за пензиско осигурување, во оваа земја моментално се вработени 143 илјади странски работници.
– Од тие работници, речиси 12 илјади доаѓаат од европските земји, додека речиси половина од преостанатиот број доаѓаат од блиските земји, најмногу од Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија, Косово и од Албанија – рече Пилетиќ.
Во последниве неколку години, има зголемување на работниците од Азија, а во однос на бројот на работници, предничат Непал, Индија и Филипините. Пилетиќ рече дека не ја намалуваат цената на трудот, затоа што таа не паѓа, туку просечната плата расте од месец во месец. Странската работна сила не ја намали цената на работната сила во Хрватска, туку одговори на сите предизвици на хрватската економија.
И покрај рекордниот број вработени во Република Хрватска, странските работници сочинуваат 8 отсто од вкупната работна сила. Пилетиќ рече дека Владата, по консултациите со социјалните партнери – синдикатите и работодавците, подготвила измени на Законот за странци.
– Дозволата за престој и работа ќе се продолжи од тековната една година на три години, во зависност од времетраењето на договорот. Целта е да се овозможи полесна транзиција кај ист работодавец на различни работни места, како и полесна промена на работодавците – најави тој.
Новите критериуми вклучуваат обврска за минимален месечен промет на жиро-сметките на агенциите што увезуваат странска работна сила и ограничување на бројот на барања во однос на бројот на постојано вработени во тие агенции. Целта е интеграција на странските работници во хрватското општество, нагласи министерот. Со измените на Законот за странци, за прв пат се дефинираат условите за сместување на странската работна сила.
Министерот се осврна на нехуманите услови во кои живеат странските работници и објасни дека нема смисла земјата да има критериуми и стандарди за сместување на сезонските работници, а да нема пропишани норми за сместување на странските работници.