Италијанската полиција уапсила калуѓерка која работела со затвореници и 24 други лица како дел од истрагата за мафијашката група „Ндрангета“ во северниот град Бреша, соопштија три извори запознаени со случајот.
Калуѓерката Ана Донели, волонтер во затворот Сан Виторе во Милано, е осомничена дека договарала со мафијата и дејствувала како посредник меѓу криминалната група и затворените членови на банда.
Педесет и седумгодишничката е многу позната во сиромашните населби на Милано по нејзината добротворна работа, за која во февруари ја доби престижната награда „Златен Панетон“ од градските власти.
Во полициското соопштение се наведува дека се уапсени и двајца политичари и дека во акцијата се одземени 1,8 милиони евра.
Осомничените се обвинети за разни кривични дела, мафијашко здружување, купување гласови, недозволено поседување оружје, перење пари, лихварство, дистрибуција на дрога и лажно фактурирање.
Основана во сиромашниот јужен регион Калабрија, Ндрагета прерасна во најмоќната италијанска мафијашка организација и се рашири низ Европа и остатокот од светот, преземајќи го најголемиот дел од т.н. ненасилни криминални активности, како што се корупција во јавните институции, хипотека, здравство и берзанска измама и перење пари.