Во Македонија, речиси една третина од децата на возраст под три години имаат тешкотии во психофизиолошкиот развој и развојот на говорот и јазикот, а бројот на деца со задоцнет говор, тешкотии во развојот и градењето зборови и реченици, како и со нарушувања што вклучуваат тешкотии во разбирањето на говорот, се зголемува од година на година. Анета Карапеева од Гевгелија, која е клинички специјализиран логопед при Медицинскиот факултет, ја гледа причината во користењето на мобилните телефони и во отсуството на комуникација на родителите со своите деца
Анета Карапеева од Гевгелија е клинички специјализиран логопед при Медицинскиот факултет. Своите искуство, знаење и енергичност ги преточува во работата во својот приватен логопедски кабинет „Сјајна светулка“. Покрај тоа што е опремен кабинетот со најсовремени алатки за логопедска работа, таа ги следи и новите методи на работа со тоа што редовно се надградува со посета на обуки во областа на логопедијата. Кабинетот го посетуваат деца од најмала до школска возраст, опфаќајќи рана интервенција за поттикнување и стимулација на говорот. Со голема посветеност, водена од мотото да зборуваме правилно и со залагање за идните генерации, Анета постигнува успеси во своите логопедски третмани со децата и има успешна соработка со родителите.
Како и секаде така и во Гевгелија и во нејзината околина, бројот на деца со говорни проблеми е сè поголем. Конкретно за поднебјето на Гевгелија, Анита вели дека причина за ова се сменското работење на родителите и недостигот на нивно поминување квалитетно време со своите деца, исполнето со близина и комуникација. Таа зборува за весникот ВЕЧЕР за својата секојдневна работа, за проблемите со кои секојдневно се соочува и за тоа како им помага на своите мали пациенти да се справат со нарушувањето во говорот.
*Анета, кога го заврши Факултетот и зошто избра да бидеш логопед?
– Завршив на Медицинскиот факултет во 2021 година, на отсекот Логопедија. Уште од мала знаев, така детски, да коментирам дали зборува некое дете или возрасен правилно или е нешто поразлично. Исто така, моите корени за работа со деца потекнуваат и од мојата мајка и од мојот дедо, кои, исто така, имаат работено со деца, како учители. Најверојатно, растењето во таква средина придонесе и јас да сакам да работам со деца. Секако, знаев дека не сакам да бидам воспитувачка или учителка, туку нешто друго поврзано со децата. Воедно, отсекогаш се интересирав и за медицината, па логопедијата беше совршен избор за мене.
Накратко, што е логопедија и зошто е важна таа за децата?
– Логопедијата е наука што се занимава со детектирање, превенирање, дијагностицирање и со рехабилитација на нарушувањата во вербалната комуникација, односно проблемите со јазикот, говорот, гласот и слухот. Како целна група на логопедијата се децата и возрасните, исто така. Човекот е со предодреденост да биде социјално битие, со највисока когнитивна функција да размислува, да општи, да пренесе информација, да ги остварува своите желби и потреби преку единствениот начин на комуникација – говорот. Преку ефективното и умешно говорење, да функционира во заедницата.
Поговорката вели зборувај да видам кој си. Како да препознаеме дека му треба логопед на детето?
– Ова е многу широко прашање. Обично постојат рамки во развојот на детето што ограничуваат како треба да се развива и што треба да прави во одреден месец или возраст во која се наоѓа. Околу 12. месец го очекуваме првиот збор. Околу двегодишна возраст, да почне да се врзува речникот во проста реченица, изградена од именка и од глагол. Во третата година, да се прошират значењето и разните видови зборови. Околу четвртата година, да се усвојат правилата за сврзување на правилно граматичка реченица во мајчиниот јазик, а од петтата – да се усвои правилното изговарање на гласовите. Говорот е комплексен процес, каде што се вклучени многу центри во кората на големиот мозок. Затоа, при секое отстапување што се забележува во развојот на говорот во детска возраст, треба да се посети логопед и да се детектира за што станува збор.
Колку често се јавуваат нарушувања во говорот кај децата?
– Нарушувањата во говорно-јазичниот развој, за жал, се сè почести. Постојат различни фактори што може да придонесат за тоа. Како најактуелна причина, поради динамиката на животот, е употребата на електронските уреди уште од најмала возраст, при што се јавуваат проблеми во развојот на говорот или, пак, се потенцираат уште повеќе веќе присутните развојни проблеми (ако ги има).
Најчести нарушувања се развојните проблеми во развојот на децата, како и говорно-јазичниот развој. Присутни се и пелтечењето, одредени ментални заостанувања, проблеми со гласот кај децата. Секоја состојба си е индивидуална и во денешницата, ретко има чист случај на одредена состојба, туку се испреплетени едни со други.
Кое е најдобро време да се почне со терапија и кому да му се обратат?
– Не постои најдобро време за започнување со терапија. Логопедските прегледи може да се спроведат уште кај шестмесечни бебиња. Колку е можно порано да се започне со третманите толку е подобро за да може да ги стигне детето своите врсници. Секогаш кога ќе се посомнева во некакво отстапување во развојот кај своето дете или, пак, само да направи рутински/ консултативен преглед, родителот треба да се обрати на некои од стручните лица што се занимаваат со развојот на децата. Нормално, како тесна специјалност и задолжени за говорот се логопедите.
Дали постојат предрасуди поврзани со нарушувањата на говорот кај децата и дали избегнуваат родителите да ги носат своите деца кај логопед?
– За жал, и ден-денес, во толку напредно време, кога се лесно достапни сите информации, сè уште постои таа стигма дека, на пример, детето е уште мало, ќе прозбори или, пак, дека нечие дете прозборело или го унапреди својот говор со текот на растењето. Некогаш е потребно многу време дури да сфатат и прифатат родителите (психолошката компонента, која игра важна улога) дека нивното дете има проблем и дека е потребно и тие активно да учествуваат во целиот тој процес.
Каква е ситуацијата со нарушувањето на говорот кај децата во Гевгелија?
– Како и секаде во државата така и во Гевгелија и во нејзината околина, бројот на деца со говорни проблеми е сè поголем. Конкретно за поднебјето на Гевгелија се карактеристични сменското работење и недостигот на поминување квалитетно време на родителите со своите деца, исполнето со близина и комуникација.
*Колку е голема улогата на родителите? Односно, дали и како може да влијаат родителите, во сопствениот дом, врз спречувањето на говорните тешкотии кај децата?
– Родителите се важни и клучни од зачетокот на бебето (уште како фетус, кога го развива слухот во стомакот на мајката, треба да му се зборува) до првите три години од животот, кога се формираат базата на говорот и цврстата врска меѓу родителот и детето преку директен контакт очи в очи, физички допир, размена на емоции, игра, имитација и зборување. И следствено на ова, поттикнување и развој на комуникацијата и на говорот и јазикот. Природна стимулација на говорот во домашни услови, преку игра со него, како и негово вклучување во сите активности во домот, а да не биде оставено само на себе или со телефонот в рака. Говорот се учи со слушање, па затоа е многу важна стимулацијата. За жал, според британските истражувања, родителите поминуваат, во просек, само пет часа неделно разговарајќи со своите деца.
Кои се последиците од нетретираните говорни тешкотии? Како влијае тоа на подоцнежниот живот и колку е можно да се поправи тоа во подоцнежните години?
– Нетретираните говорни тешкотии што имаат корен во детството, знаат да бидат изразени во интерперсоналната комуникација во подоцнежните години, како неразбирање на преносното значење на зборовите, сарказмот, иронијата. Неможноста за правилно сврзување реченици и како најчести, проблемите во изговорот на некои гласови.
Исто така, кога доаѓаат во школска возраст, односно кога треба да бидат опфатени во образовниот систем, децата често не може да ги следат школските програми. Како и да ги достигнат академските вештини, како препознавање на буквите или на бројките и следствено на тоа, да научат да читаат, да пишуваат, да бројат, да сметаат итн.
Која е целта на терапијата што се спроведува во Вашиот кабинет за логопедија „Сјајна светулка“?
– Кабинетот „Сјајна светулка“ опфаќа рехабилитација на широк спектар на нарушувања што се јавуваат во детска возраст. Освен што е опремен со најсовремени алатки за логопедска работа, кабинетот ги следи и новите методи на работа. И со тоа, редовно се надградувам и посетувам обуки во областа на логопедијата во земјава и во странство. Една и единствена цел во однос на можностите, способностите и капацитетите на детето е да се постигне максимумот со терапијата.
Колку е тешка и стресна работата на логопедот? И како се ослободувате од тој стрес?
– Секој еден логопедски третман се приспособува според едно единствено дете. Дури и две навидум исти состојби, сепак, се разликуваат. Па така, многу е важно да се изработи индивидуален план, програма и цели на терапијата за секоја една состојба. Овде е и неизбежниот притисок од родителите, кои некогаш го губат трпението поради времетраењето на логопедските третмани, кои може да траат подолго време. Сепак, на крајот од денот, позитивниот поглед на светот, кон она што ме опкружува, прави да можам да се справам со сите предизвици. Понекогаш некој спорт, шетање или, пак, разговор со моите најблиски, исто така, го редуцира тој стрес. Децата се навистина нешто особено и нема ништо поискрено од нив. Не би можела да издвојам еден посебен бисер од многуте смешни разговори и коментари што досега ги имам слушнато од нив.
Љубчо Алексовски