Во фокусот, јакнење на транспарентноста и зголемување на дигиталното учество на граѓаните во процесите на општината

0
20

Општина Кисела Вода заедно со партнерите Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Центарот за младински активизам „Крик“, го развива првиот акциски план кој ќе се фокусира на две заложби: јакнење на транспарентноста на општината и зголемување на дигиталното учество на граѓаните во процесите на општината.

За таа цел, градоначалникот на Општина Кисела Вода,  Орце Ѓорѓиевски и тимот од Кисела Вода што работи на спроведување на заложбите од глобалното Партнерство за отворена локална власт, каде оваа општина, како единствена од Македонија беше избрана за членка, одржаа работна средба со претставници од повеќе граѓански организации.

-Целта на овој состанок беше давање на препораки, сугестии и мислења за тоа како општината може да ја унапреди успешноста во работењето во областите транспарентност и дигитално учество и да биде уште поотворена кон граѓаните – соопштија од Општина Кисела Вода.

Оттаму додадоа дека претставниците од Центарот за граѓански комуникации, Здружението за истражување и анализи „ЗМАИ“, Центарот за управување со промени, „Метаморфозис“, Здружението за знаење на еколошкото образование во осовременување на образовниот процес, презентирале наоди и препораки од своите истражувања во овие две области во врска со перформансот на Општина Кисела Вода, сугестии кои ќе бидат значајни при дизајнирањето на мерките во акцискиот план. Потоа, низ поширока дискусија биле разгледувани можностите за подобрување на одредени параметри, но бил евидентиран и остварениот напредок на оваа единица на локална самуправа во одредени области.

– Вашите мислења, препораки и сугестии се суштински за нас и за создавањето на акцискиот план кој ќе ги насочи напорите на Општина Кисела Вода кон уште поголема транспарентност и инклузивност. Ние не зборуваме за напредокот што го имаме во овие три години низ бројки, бидејќи вие сте оние што тоа го мерат и оценуваат. Сепак, скокот во транспарентноста што го постигнавме веќе многу кажува за нашата посветеност. Но, за постигнување целосен успех, се надеваме дека со вашите идеи и сугестии, ќе го изградиме најуспешниот акциски план кој ќе нè води напред – истакна Ѓорѓиевски, потсетувајќи на повеќе проекти кои беа клучни Кисела Вода да биде избрана за членство во Партнерството за отворена локална власт.

Во моментов во Партнерството за отворена локална власт членуваат 75 држави и преку 100 локални самоуправи.