Во февруари ќе почне пласманот на парите од унгарскиот кредит, ќе се градат и трговски центри

540

Измените во Законот за јавен долг по скратена постапка, кои поминаа во Собранието, ја одглавуваат процедурата за дистрибуција на парите од унгарскиот заем од банките до фирмите. На следната владина седница треба да поминат двата потребни договори што банките ќе им ги дадат на потпис на фирмите. Едниот договор е за трансферот на парите кај развојната банка, а во другиот се условите под кои ќе треба банките да ги пласираат средствата во стопанството.

Премиерот Христијан Мицкоски вели има некои измени, односно проширен е рангот на корисници, банките ќе ги добијат договорите до крајот на месецов и веќе од февруари да почне дистрибуцијата на средствата.

– На следна седница во вторник ќе помине договорот и ќе може Македонската банка за обнова и развој да ги потпишува договорите со комерцијалните банки и веќе од февруари компаниите ќе можат да ги користат – вели Мицкоски.

Според договорот меѓу Владата и банките, средствата што ќе се пласираат кај стопанството се со камата од 1,95 проценти и со овие пари банките ќе го покријат својот кредитен ризик, а каматата од 3,25 проценти кон Унгарија ќе се враќа од буџетот. Највисоката сума за која можат да аплицираат фирмите е 10 милиони евра, но треба да имаат учество од 20 проценти. Првичните најави беа дека кредитната линија ќе биде наменета за финансирање на дејноста производство, односно за инвестиции во опрема, машини, погони, фабрики, но премиерот Мицкоски неодамна изјави дека парите ќе можат да се користат и за изградба на трговски центри.

ИЗДВОЕНИ