Министерот Зоран Љутков, покрај црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Трескавец, вчера ги посети и археолошкиот локалитет Стибера и црквата „Свето благовештение“, чија реставрација треба да заврши до крајот на годинава

 

„Во манастирскиот комплекс Трескавец, кој претставува македонски духовен центар, наскоро треба да започне реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Ова го најави министерот за туризам и култура, Зоран Љутков, кој денеска заедно со државниот секретар, Марија С. Ѓоргова, го посети манастирскиот комплекс Трескавец во Прилеп, но и другите објекти што претставуваат национално културно наследство во Прилеп и Прилепско, како и установите од областа на културата.

Според министерот Љутков, во манастирскиот комплекс Трескавец ќе се работи на  архитектурата и на живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во изминатиот период, таму беа реконструирани и опожарените конаци, со што, по повеќе од десет години, се овозможи враќање на монашкото братство.

Инаку, манастирот Трескавец беше опожарен во 2013 година, кога целосно изгореа конаците.

„Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата“, рече Љутков.

Овој комплексен проект треба да биде реализиран од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, кои беа присутни во Република Грција, Заводот и музеј –  Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежниот факултет – Скопје.

Црквата „Свето благовештение“

Претходно, Љутков ги посети црквата „Свето благовештение“ и археолошкиот локалитет Стибера.

„Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Свето благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се извршат уште конструктивно зајакнување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата за што се обезбедени 2,1 милион денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет Стибера, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август“, додава Љутков.

ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп набрзо во употреба

Што се однесува, пак, до Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, министерот информираше дека сите забелешки од Државниот завод за заштита и спасување во најкраток рок ќе бидат отстранети и објектот повторно ќе биде ставен во функција.

Инаку, инспекцијата од Дирекцијата за заштита и спасување на почетокот од месецов ги затвори големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и киното „Мис Стон“, кое е во состав на објектот. Салата и киното беа затворени за секаков вид манифестации и приредби сè додека не се отстранат сите недостатоци.

Во зградата на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, пак, претходно, како што посочија од оваа установа, биле најдени 15 безбедносни недоследности и пропусти, поради што беше затворен и овој објект.

 

ИЗДВОЕНИ