Во центарот на Скопје поставена кукла робот што предупредува на лажни вести

89

Центарот за современи уметности (ЦСУ), во рамките на проектот „Со уметност против лажни вести“, започна уметничка акција со поставување кукла робот што предупредува на лажни вести“, во центарот на Скопје.

– За жал, лажните вести се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуваат голем број граѓани. Преку оваа интерактивна акција, директно се предупредува публиката за постоењето и за намерата на лажните вести, а куклата робот го објаснува начинот на кој се презентираат тие и влијаат на јавноста – велат од ЦСУ.

Оттаму појаснуваат дека, во своето обраќање до публиката, куклата потенцира дека лажните вести се креираат со цел да ја дезинформираат јавноста и да ги наведат луѓето на погрешни заклучоци, кои влијаат на однесувањето на јавноста, водат кон поларизација на општеството со цел да се предизвикаат поделби и конфликти, ширење паника и намалување на довербата во медиумите.

– Куклата робот ги предупредува граѓаните и дека се користат лажните вести и за политичка манипулација и за влијание врз јавното мислење – велат оттаму.

Самата интерактивна инсталација што е развиена во соработка со младиот уметник Озбек Ајваз, како што се посочува, се состои од кукла, која има вградени интерактивни сензори и звучници. Преку нив, куклата ни ја раскажува приказната како да се заштитиме од лажните вести и како да ги раздвоиме лажните од вистинските вести и информации.

Делото е поставено на јавен простор во центарот на градот, на влезот во ГТЦ од страната на плоштадот, а во наредниот период ќе биде поставено и на други фреквентни локации, каде што минувачите ќе имаат можност за кратка интеракција со него.