Во бунт во мексикански затвор настрадаа седум затвореници

8

Седум затвореници настрадале во бунт во затвор во јужно Мексико. Затворениците давале отпор да бидат префрлени во други казнени установи. Тие ја нападнале полицијата со огнено оружје и ножеви, соопштија властите во четвртокот вечерта, според ABC News. Четворица полицајци и уште шест затвореници беа повредени за време на немирите во градот Вилахермоса, главниот град на државата Табаско во Мексиканскиот залив.

Шефот на државната полиција Виктор Хуго Чавез изјави дека полицајците биле пречекани со пукање кога влегле во затворот рано наутро за да префрлат двајца опасни затвореници во федерален казнено-поправен дом.

Еден од затворениците со огнено оружје давал отпор околу три часа, додека го штителе уште 20 затвореници. Чавез не прецизираше дали полицијата пукала врз групата затвореници, но рече дека и тие мора да дејствуваат за да ги одбранат сопствените животи.

За време на немирите во затворот избувнале пожари, а насобраните маси гневни и очајни роднини на затворениците се собрале надвор од затворот барајќи информации за своите најблиски.

Откако неколку часа подоцна ја вратиле контролата врз објектот, полицајците пронашле пушка, пет пиштоли, рачна бомба, 23 мачети, 14 ножеви и 23 импровизирани оружја.

Не беше објаснето како оружјето влегло во затворот, но затворите во Мексико се познати по слабите контроли и широко распространетата корупција, до таа мера што бандите во некои казнено-поправни установи управуваат со свои одделенија.