Во Македонија нема чума кај овците и кај козите, но болеста е евидентирана во Бугарија. Ова предизвика загриженост кај сточарите во однос на опасноста од ширење на болеста и на економските последици од неа. Претходно, оваа болест беше регистрирана во Грција и во Романија, од каде беше забранет увоз на месо, месни производи и на стока. Од Сојузот на одгледувачи на овци апелираат да се подигне свеста кај сточарите за примена на биосигурносните мерки за да се спречи понатамошно ширење на оваа високозаразна болест. Инаку, поради чумата, во Романија беа уништени 400 илјади, а во Грција 40 илјади овци и кози.
Никола Георѓиев, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци, вели дека појавата на болеста чума кај малите преживари во Бугарија претставува голема опасност и за нашите овци, бидејќи е вироза што брзо се шири. Поради тоа, тој апелира до одгледувачите да преземат соодветни мерки за заштита и да се информираат подетално за последиците од оваа болест.
– Романија и Грција прогласија крај на болеста, но сега се појави во Бугарија. Во Бугарија е пренесена од Романија или од Турција, каде што ја има постојано. Инаку, оваа болест во соседството за прв пат се појави во Бугарија, во 2014 година. Во Грција, пак, болеста беше пренесена од Романија, од каде што увезе стока за да го надомести сточниот фонд. Добро е што е болеста во источниот дел на Бугарија и е лоцирана и изолирана – изјави Георѓиев за весникот ВЕЧЕР.
Тој појаснува дека се работи за болест што предизвика огромни штети, односно загуба на овци. Доколку се појави еден случај, се уништуваат цело стадо и другата стока во радиус од шест километри. Освен тоа, се воведува и забрана за извоз на месо, месни производи и на стока.
Георѓиев ги поздравува мерките на Владата за зголемување на сточниот фонд и на високопродуктивните раси животни. Се надева дека ова ќе ја подобри состојбата, бидејќи сточниот фонд во државата се намалува во континуитет последниве 30 години, а на ниво на ЕУ, по 5 до 10 отсто годишно.
– Уште поголем предизвик е старосната граница на одгледувачите, која е над 60 години. Треба да се мотивираат младите да инвестираат во овчарството и да се направи развојна стратегија за 2025-2030 година. ЕУ го има истиот проблем, таа издвојува големи финансиски средства за поддршка на сточарството. Ако сака да го зголеми сточниот фонд, државата мора да ја зголеми финансиската поддршка за младите – вели претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци.
Што се однесува до цените на производите, цената на жива мера јагнешко е во постојан пораст и на крајот од претходната година, пред католичкиот Божиќ, достигна рекордни 300 денари за килограм. Тоа се должи на актуелната забрана за извоз на месо и на месни продукти од Грција и од Романија, кои се едни од поголемите извозници на јагнешко во Европа и наши најголеми конкуренти. Извозната забрана за овие држави истекува овој месец, но нашите очекувања се дека нема да влијае многу врз цената на целните пазари во Европа.
Од Сојузот на одгледувачи на овци ја оценуваат 2024 година како успешна, меѓутоа крајно опасна за овчарството, со одлични цени на производите од овчарството, со во целост исплатени субвенции од програмата за директни плаќања 2023 година и по прв пат во тековната година – исплатени 30 отсто субвенции по основна мерка, што е од исклучително значење за одгледувачите, бидејќи во овој период од годината имаат најголеми трошоци.
(А.С.)