Советничката група на Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и нејзините претставници во одборите на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“доставиле предлог до Општина Центар во Нацрт – буџетот за 2025 година конечно да се одвојат пари за вработување на лицата кои ја чистат општината, а кои со години работат само за месечен надомест.
– Досегашната пракса од повеќе од една деценија е тие да работат без придонеси за пензиско и здравствено осигурување, што ги крши основните работнички права на овие луѓе и е состојба која не смее повеќе да се толерира – потенцираат од „Шанса за Центар“.
Оттаму наведуваат дека вработувањето на хигиеничарите ќе значи: почитување на законите со кои се утврдува ангажирање на лица и нивно редовно вработување, а со што и ЈП ПОЦ ќе даде позитивен пример за законито работење, секој човек заслужува да го оствари своето право од работен однос, согласно Законот за работни односи, јавните институции треба да се пример во постигнување на овие права на вработените и пример за сите други приватни компании.
– Борбата со сиромаштијата и социјалната правда (пензиско и здравствено осигурување) е заложба која не смееме да ја заборавиме и институциите треба да учествуваат во нејзино спроведување – децидни се од „Шанса за Центар“.
(А.П.)