Во Берово се врши организирано доставување на вода преку цистерните на ЈПКР „Услуга“. Доставувањето се врши откако претходно беше утврдено зголемено присуство на манган во водата од градскиот водовод.
– Доставувањето вода од цистерни се врши на повеќе локации – кај Здравствениот дом и кај гимназијата „Ацо Русковски“, како и во месностите Нешовци и Јарбол. Доставување вода се врши и во другите населени места – Митрашинци, Русиново, Будинарци, Владимирово, Мачево и Смојмирово – информираа од ЈКПР „Услуга“.
За институциите, доставувањето вода, како што додадоа, ќе се врши по договор.
– Секоја цистерна ќе се задржи по 45 минути на одредена локација. Апелираме за ред и дисциплина. За секој жител ќе биде обезбедена потребната количина вода – додадоа од ЈКПР „Услуга“.
Водата, како што додадоа, се полни од соседно Делчево. Анализите на водата во Берово претходно покажаа зголемено присуство на манган, поради што од АХВ, Секторот за инспекциски надзор – ПЕ Берово беше препорачано таа да биде само за техничка употреба.