Во Берово и Охрид ќе се прска против возрасни комарци. Според најавите, во Берово втората фаза од терестичката дезинфекција (од земја) е планирана за во ноќните часови од 22 часот до утре до 5 часот со цел уништување возрасни комарци.

– Со оглед на тоа дека активностите ќе се изведуваат во ноќните часови, се известува населението да не излегува и да ги затвара прозорците.  Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини во општината, подрачјата по течението на реки и водотеци, подрачјата околу каналниот систем на територијата на Општина Берово, локалитети со застојни водени површини, урбани населби и локалитети предвидени во планот и програмата – информираа од општина Берово.

Утре во општина Охрид запрашувањето ќе се врши во периодот од 19 часот до 6 часот в среда, а со дезинсекцијата ќе биде опфатено Охридското крајбрежјето на потег од селото Подмолје до комплексот „Св. Наум“, територијата на град Охрид, како и потегот на реките Грашница и Коселска.

– Заради тоа се известуваат граѓаните кои одгледуваат пчели на подрачјето на Општина Охрид да преземат соодветни мерки за заштита на пчелите, а до граѓаните се апелира во посочениот период за кога е предвидено запрашувањето да избегнуваат движење на посочениот опфат – потенцираат од општина Охрид.

Во случај на неповолни временски услови (ветар, дожд) дезинсекцијата и во двете општини ќе се одложи за следниот поволен ден.