„Овој, пионерски потфат, во извесна мера, би можел да послужи и како своевидна историја на македонската книжевност, со оглед на тоа што во него е опфатена целокупната македонска литература, почнувајќи од раниот среден век па сè до денес. Посветено е значително внимание на поетиката на македонската поезија, на романите, на драмите, на расказите, на критиката и на другите книжевни жанрови…“, велат од Институтот за македонска литература

 

Во издание на Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и на Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија, од печат излезе колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“.

Автори на монографијата се научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац. Изданието, пак, е во редакција на Бранко Тошовиќ и Славчо Ковилоски.

„Делото е производ на повеќегодишната работа на неколкумина македонски членови на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет. Станува збор за прво издание од ваков вид во и за македонската литература. Mонографијата е објавена како трета книга од серијата ‘Словенска стилистика’. Првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат е македонскиот, со што изданието стана првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји”, велат од Институтот за македонска литература.

Оттаму посочуваат дека овој, пионерски потфат, во извесна мера би можел да послужи и како своевидна историја на македонската книжевност, со оглед на тоа што во него е опфатена целокупната македонска литература, почнувајќи од раниот среден век па сè до денес. Притоа, посветено е значително внимание на поетиката на македонската поезија, на романите, на драмите, на расказите, на критиката и на другите книжевни жанрови, без разлика дали се оригинални или преведени дела.

Од големо значење е и што презентирањето и популаризацијата на македонски стилистички и поетички истражувања во светот, особено во словенскиот регион и во Јужнославија (термин на Б. Тошовиќ), ќе биде олеснето со фактот дека оваа монографија е објавена надвор од Македонија ‒ во Австрија. Исто така и дека е отпечатена во научна серија на една од комисиите на Меѓународниот славистички комитет, дека е опремена со резиме и содржина на англиски, на  германски и на руски јазик, со предметен индекс и индекс на имиња и со литература по секоја статија и интегрална библиографија на крајот од аналитичкиот дел од книгата, и дека ќе биде претставена на научни собири во повеќе земји.

Како рецензенти на колективната монографија се јавуваат: Венко Андоновски, Маја Јакимовска-Тошиќ, Валентина Миронска-Христовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева и Јасмина Мојсиева-Гушева. Освен нив, на најразлични начини, за потребите на изданието беа вклучени и други лица: Марија Пандева, Елена Пренџова, Владимир Цветкоски и Татјана Б. Ефтимоска.

Првата промоција на изданието, веќе е закажана и ќе се одржи во Задар, Хрватска.

ИЗДВОЕНИ