Општина Аеродром за првпат по подолг период истовремено работи на реализација на два капитални проекти, доградба на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин и на градинката „Изворче“ во Стар Аеродром.
Според увидот на терен кој го изврши в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, градежните активности се одвиваат според предвидената динамика.
Станува збор за исклучително значајни проекти за жителите на Мичурин и на Стар Аеродром.
Објектот „Изворче“ во рамките на детската градинка „Срничка“, што е изграден во 70-тите години на минатиот век и каде што во моментов се запишани околу 280 деца, за првпат добива целосно нов лик и проширување на згрижувачките капацитети за плус 170 деца, со што се очекува листите за упис да станат минато.
ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин кое е едно од најстарите училишта во Аеродром, изградено пред 70 години, конечно прераснува во современ објект.
-Проектот се спроведува во две фази, при што ќе бидат изградени дополнителни 10 училници и 8 кабинети по предметна настава, како и други простории со различни намени – информираат од Општина Аеродром.