Туберкулозата не е болест од минатото, таа сè уште претставува закана за милиони луѓе во светот. Според последните податоци со кои располага Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Република Македонија, бројот на новорегистрирани случаи на туберкулоза во 2023 година бил 160. Од тие 160, 109 биле мажи, а педесет и една – жени.

– Состојбата за 2023 е слична како и за претходните години, со мало намалување во споредба со 2018 и со 2019 година, кога бројот изнесувал 217 за 2018 година, односно 199 случаи за 2019 година. Вкупниот број активни случаи во државава за 2023 изнесувал 290, од нив 230 биле мажи, а 60 жени – информираа од Институтот.

Соодносот на случаи на туберкулоза кај мажите и кај жените е 2:1, што покажува дека ова заболување е многу почесто кај машката популација во Македонија. Од ИЈЗ потенцираат дека низ годините има пораст на бројот на нови случаи, што е загрижувачки тренд, бидејќи има достапна вакцинација и достапен третман за ова заболување.

– И покрај тоа што е болест што може да се спречи и да се излекува, туберкулозата и понатаму претставува глобален здравствен проблем, особено во земјите со ниски и со средни приходи. Според последните податоци на Светската здравствена организација (СЗО), секоја година заболуваат милиони луѓе од туберкулоза и се губат илјадници животи поради доцно дијагностицирање или недоволен пристап до соодветен третман – додаваат од ИЈЗ.

Според податоците на СЗО во 2023 година, 10,8 милиони луѓе се разболеле од туберкулоза.

– Најголем дел од нив се во ниско развиените земји, особено во Африка и во Азија. 1,25 милиони луѓе во светот, според податоците на СЗО, починале како последици од туберкулоза. Позитивно е што откако постојат стратегиите за ТБ во светот, од 2000 година, па наваму, спасени се околу 79 милиони животи со кампањите и со глобалните напори за крај на туберкулозата – наведуваат од ИЈЗ.

Туберкулозата е заразна болест што, главно, ги напаѓа белите дробови, но може да зафати и други органи, како што се коските, мозокот и бубрезите. Болеста се шири преку воздухот, кога кашла или кива заразено лице. Некои од најчестите симптоми што ги наведува ИЈЗ се долготрајна кашлица – повеќе од две недели, болка во градите, замор, слабост, ненадејно губење на телесната тежина, ноќно потење и треска.

Од ИЈЗ нагласуваат дека иако има напредок во дијагностицирањето и третманот на оваа болест, сепак борбата против неа сè уште се соочува со многу предизвици, како што се недоволен пристап до здравствена грижа – во многу сиромашните земји, дијагнозата и третманот се скапи или недостапни, антибиотска резистенција – зголемената отпорност на бактеријата кон лековите го отежнува лекувањето, но и фактот дека многу заболени лица избегнуваат медицинска помош поради стравот од социјална осуда.

– Образованието е клучно за рано откривање и превенција. БСЖ-вакцината е ефикасна за заштита на децата од тешки форми на туберкулоза. Се алармира за редовни здравствени прегледи. Доколку се почувствуваат симптоми, веднаш да се побара лекарска помош – потенцираат од ИЈЗ.

ИЗДВОЕНИ