Во 2021 година, надлежните „контролирале“ конфекција место кабаре

Истрагата за „дискотеката на смртта“ се проширува

1108

Истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ се проширува. Неофицијално од извори на истражните органи, полицијата  извршила претрес во кафе-барот „Класик“, во сопственост на газдата на дискотеката, Дејан Јованов. Веднаш по несреќата, барот беше каменуван, а инвентарот беше искршен од револтираните жители. Освен во кафе- барот, полицијата вршела претреси и во подрачната единица на Државниот пазарен инспекторат. Дел од медиумите објавија дека се испрашуваат и сопругата и ќерката на сопственикот во полициска станица. Од Основното јавно обвинителство потврдија за медиумите дека се правеле претреси без да потенцираат каде.

– Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при што се одземени дополнителни електронски уреди и други докази, за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица што би можеле да имаат определени сознанија. Јавното обвинителство издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејства поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица – пишува во соопштението на ОЈО.

Дејан Јованов е еден од првоосомничените во истрагата на ЈО. Тој бил закупец на кабарето „Пулс“, кое било противзаконски пренаменето во угостителски објект, иако не ги исполнувало техничко-безбедносните услови за тоа.

Според регистарот на издадени лиценци за угостителски објекти достапен на Интернет, во 2021 година, кабарето „Пулс“ било регистрирано дека постои на адреса „Штипски пат“ бб, место на кое, според мапата, место диско, се наоѓа друг објект – конфекција. Дискотеката вистински се наоѓа на неколку метри подолу, кон влезот на Кочани, односно на „Крижевска“, зад хотелот, обиколена со куќи и со автомеханичарски работилници, без паркинг и никаков пристап.

Дека сопствениците давале лажни податоци, работеле нелегално и поткупувале службеници, беше потврдено и со отворањето на истрагата, во која се опфатени вкупно 34 лица.

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, од Радишани, прашан дали ќе бидат повикани на одговорност, за несреќата во која загинаа 59 млади луѓе, и актуелните функционери на институциите поврзани со работењето на објектот, рече дека го охрабрува Обвинителството да го истражува случајот неселективно и за секој оној што имал каква било улога во случајот, да се побара одговорност.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март, загинаа 59 млади луѓе, а околу 200 се повредени. За случајот досега се осомничени 34 луѓе и е отворена истрага против 27 од осомничените, против три фирми и против седуммина полицајци од СВР Штип и од полициската станица Кочани. Oсновниот суд Кочани одреди мерка 30 дена притвор за сите 24 лица за кои Основното јавно обвинителство бараше изрекување на мерката во рамките на истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. (П. А.)

Стопиран процесот за разрешување на јавниот обвинител Коцевски

Премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање дали Владата ќе ја продолжи процедурата за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, со оглед на неговата ангажираност во истрагата, рече дека таа постапка ќе застане, бидејќи ценат дека во овој момент е важно обвинителите да работат и да сработат.

– Да им дадеме шанса, гледам дека постои соработка меѓу МВР и ОЈО, која резултираше со 34 осомничени лица за случајот, а, еве, истрагата се проширува. Еве да видиме дали ОЈО ќе има амбиција повторно да разгледа некои случаи од минатото, дали навистина била добиена правда за нив или била селективна правдата.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ