По четири годиини поминати во шампионскиот Ред Бул, во кој доживеа подеми и падови, Серхио Перез доби отказ на крајот од минатата сезона. Иако моментално е надвор од Формула 1, мексиканскиот возач не потврди дека се повлекува и покрај неговата неславна разделба со тимот на Ред Бул.
Во катастрофалната сезона во 2024 година, Ред Бул го загуби шампионатот кај конструктори од Мекларен и Ферари, а Перез запиша само 152 бода во текот на годината – помалку од една третина од постигнатите бодови од Макс Верстапен, кој повторно ја освои шампионската титула со 437 бода.
По овој разочарувачки финиш во Ред Бул, Перез најави дека планира да земе неколку месеци одмор за да размисли за својата иднина.
- Мојот приоритет е да се опуштам, да правам работи што не сум имал прилика да ги правам, да поминувам време со моето семејство, започна Перез, па додаде:
- Во следните шест месеци ќе донесам одлука што сакам за следниот чекор во кариерата.
За иднината на својот син проговори и таткото на Перез, Антонио Перез Гарибај, кој ја уверува јавноста дека „најдобрата верзија на Чеко Перез се уште е пред него“.
- Сите ќе бидат среќни и горди на она што доаѓа. Она што Чеко го направи досега е само почеток. Она што следи ќе биде историско, ве уверувам, изјави Антонио.
Сепак, додека враќањето во Формула 1 е можно, Антонио исто така ја навести можноста Перез да се пресели во Формула Е, истакнувајќи дека тоа би можело да биде природна насока за возач кој сè уште бара предизвици.
- Формула Е е категорија која трае 11 години и се уште расте. Сега е втора најдобра категорија и за пет години ќе биде главна. Внимавајте, можеби ќе го видиме Чеко Перез како вози овде. Тоа нема да биде проблем, додаде Антонио.
Шпанскиот весник „Марка“ објави дека Перез го подготвува теренот да ги понуди своите услуги како искусен возач за Формула 1 тимот на Кадилак во 2026 година.
Тимот на Кадилак, предводен од Грем Лоудон, претставник на Џенерал Моторс, ја започна својата мисија, а веќе постигна прелиминарен договор за влез во Формула 1 од следната сезона.