Владејачката партија интензивно се подготвува за претстојните локални избори, кои ќе се одржат во октомври. Ангажманот што е видлив веќе неколку месеци на терен, е пресликан од внатрепартиските активности за подготовка и избор на најсоодветните кандидати. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека очекува во втората половина од мај, од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ да ги соопштат имињата на кандидатите за градоначалници. Конечна одлука за тоа кои ќе бидат имињата на кандидатите за градоначалници сè уште не е донесена, но во тек е внатрепартиска дебата и од општинските комитети веќе се пристигнати предлог-имињата што треба да се најдат на претстојните анкети и мерења, кои ќе започнат во втората половина од овој месец. Премиерот индиректно потврди дека еден од актуелните градоначалници ќе биде адут на партијата за нов мандат. Иако се очекува и други негови колеги повторно да „трчаат“ на локалните избори, се чини дека премиерот остава простор во следниот период до мај, прво да се види кој колку ќе сработи за да може повторно да ја добие довербата од лидерот и од партијата.
– Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, направи голема разлика кога би се споредило со неговите претходници, и очекувам да продолжи така и во периодот пред нас. Што се однесува до другите кандидати за градоначалници во другите општини во Македонија, сè уште, како партија и коалиција, не сме донеле конечна одлука кои ќе бидат имињата. Во моментот, во тек е внатрепартиска дебата и од општинските комитети се пристигнати предлози и имиња што треба да се најдат на анкетите и мерењата. Започнуваме, во втората половина од јануари, да мериме интензивно и очекувам во втората половина од мај да им соопштиме 85-90 отсто од мерењата на граѓаните за тоа кои ќе бидат кандидатите за градоначалници – изјави Мицкоски од Штип, каде што присуствуваше на пуштањето во употреба на детската градинка „Вера Циривири-Трена“ и на спортската балон сала во рамките на подрачното училиште ОУ „Гоце Делчев”.
Во меѓувреме, на терен е видливо дека партиите веќе се навлезени во предизборната кампања за претстојните локални избори. Се прават внатрепартиски сондажи за тоа кои кандидати би биле најсоодветен предлог за градоначалник, а сосема очекувано е дека најголема битка ќе се води за Градот Скопје, особено по критиките за работата градоначалничката Данела Арсовска, која дојде на оваа позиција со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, која набрзо потоа ја изгуби. Додека во другите партии сè уште се калкулира, во јавноста веќе протече дека најсериозни кандидати за Скопје во владејачката ВМРО-ДПМНЕ се актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Двајцата изразија желба и подготвеност за оваа функција и сметаат дека ќе бидат добри градоначалници, но велат, одлуката е на партијата.
Ѓорѓиевски смета дека може за релативно кратко време, откако би ја презел позицијата градоначалник на Скопје, да го реши хаосот што им се случува на градот и на скопјани. И Перински смета дека има целосно јасна визија за тоа како треба да се решат проблемите во главниот град. Тој се повикува на потребата од инспирација и учење од успешните практики на градовите како Љубљана и Загреб, кои се пример за добри урбани политики и развој.
Од опозицискиот СДСМ сè уште не даваат информации, тие сега се во процес на консолидација и веруваат дека ќе имаат квалитетни кандидати.
Што се однесува до партиите од албанскиот политички блок, се очекува дека повторно најголема ќе биде борбата за прв човек на Тетово. За Гостивар, пак, в.д. градоначалникот ја има поддршката од својот претходник, лидерот на Алијанса, Арбен Таравари, а, според некои информации од ДУИ, во трка за градоначалничката фотелја од нивната партија повторно би влегол Невзат Бејта, за кого сметаат дека имал забележливи резултати додека беше градоначалник во периодот од 2013 до 2017 година.
Претстојните локални избори ќе бидат тест и за актуелната централна власт во однос на тоа дали ја задржала големата поддршка што ја доби од граѓаните на парламентарните и на претседателските избори лани. Дополнително, и премиерот Мицкоски изминатиов период, по барањата за предвремени парламентарни избори од страна на опозицијата, во неколку наврати порача дека доколку граѓаните не ѝ ја дадат поддршката на владејачката коалиција, ќе се распишат предвремени парламентарни избори. Се очекува локалните избори да бидат закажани во октомври годинава. Последните избори за градоначалници се одржаа на 17 октомври 2021 година. Тогаш, од 80 општини и Градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 42 градоначалнички места, вклучително и во главниот град, каде што ја поддржаа Арсовска. (В.С.Н.)