Остри критики беа изнесени од ОО СДСМ Аеродром на адреса на ВМРО-ДПМНЕ, поради финансискиот колач што е наменет за најдобриот клуб во Општината – МЗТ Скопје. Од СДСМ посочија дека и покрај спонзорскиот договор, ако воопшто легнувале пари на сметката на МЗТ, тимот од Аеродром изгледал анемично на меѓународната сцена, односно во АБА2-лигата, каде што веќе со години немаше прогрес во АБА1.

  • Општина Аеродром е во толку лоша финансиска кондиција што почна да штеди дури и на спонзорството за кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје. Дејан Митески и ВМРО-ДПМНЕ, преку Советот на Општина Аеродром, ја преполовија сумата што ѝ се доделуваше, како спонзорство, на најголемата аеродромска гордост – МЗТ. Општина Аеродром одвои само 12 милиони денари за спонзорство на МЗТ за 2025 година. Само за потсетување, во 2021 и во 2022 година овој износ беше 24 милиони денари, што е двојно повеќе во однос на износот што го предвиде Митески за оваа година. Митески, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, пред само четири години, ветуваа враќање на МЗТ во АБА 1-лигата. Наместо тоа, МЗТ испадна и од АБА 2-лигата. За тоа време, финансиските извештаи за работењето на МЗТ се најстрого чувана тајна во Општина Аеродром. Јавно го прашуваме градоначалникот Дејан Митески дали е точно дека МЗТ им должи на играчите. Дали и колку должи по основ на тужби поради неисплатени плати кон играчите. Дали е точно дека тоа е една од причините за блокадата на сметката на клубот во текот на минатата година? Прашуваме зошто не се објавени јавно финансиските извештаи за работењето на МЗТ. Зошто не се разгледуваат тие на седниците на Советот на Општина Аеродром? – вели Марко Данилоски, секретар на ОО СДСМ Аеродром.

Според него, Митески и ВМРО-ДПМНЕ должат многу одговори.

  • Нема да дозволиме МЗТ да се претвори во пералница на пари и инструмент за богатење на поединци. На МЗТ му се потребни помош и искрена поддршка, а не лажни предизборни ветувања. МЗТ денес е понижен, а неговите искрени поддржувачи се прелажани. Паметиме времиња кога го вадеа играчите срцето на терен, а од навивањето на „Фемили Аеродром“ се тресеше цел Балкан. На МЗТ му е потребно обединување од сите политички, партиски и непартиски субјекти. Само со искрена поддршка ќе го вратиме МЗТ на победничките патеки – завршува Данилоски.

ИЗДВОЕНИ