Сè почесто се зборува за новото кошаркарско натпреварување што е на повидок и сега шпанска „Марка“ пишува на оваа тема, со наслов „Крајот на европската кошарка каква што ја знаеме? НБА доаѓа во Европа!“
Авторот на текстот пишува за планот на најголемата светска кошаркарска лига да основа лига во соработка со најголемите европски клубови. Текстот го пренесуваме во целост.
Европската кошарка наскоро би можела целосно да се промени. Наскоро, НБА, конечно, може да премине од зборови на дело. Во Њујорк ќе се собере Управниот одбор, телото што управува со најсилната американска кошаркарска лига, предводено од комесарот Адам Силвер. Тема на состанокот е потенцијалниот влез на НБА на европскиот пазар, преку создавање големо натпреварување, кое заеднички би го надгледувале НБА и ФИБА.
Европската Евролига во меѓувреме чека. Многу од лиценците што им дозволуваат на клубовите да се натпреваруваат во сегашниот формат, допрва треба да бидат потпишани. Најголемите клубови, Олимпијакос, Реал Мадрид, Барселона, Фенербахче, Панатинаикос, Баерн и други, сериозно ја разгледуваат можноста за влез во новата лига.
- Внимателно разгледуваме дали има можност да ја издигнеме кошарката на повисоко професионално ниво, да создадеме поголема комерцијална вредност – порача Силвер во јануари.
Тоа е, всушност, поентата: деловна можност. НБА со години ја анализираше ситуацијата во Европа и заклучи дека не ѝ оди најдобро на Евролигата, во тој период.
НБА смета на поддршката на ФИБА, која, исто така, гледа шанса да ја обнови идејата за голема европска клупска лига заедно со американскиот гигант, нешто што не постоело од распадот на Евролигата во 1999 година.
НБА верува дека кошарката во Европа не е доволно развиена или не е доволно маркетиншки покриена, дека повеќето клубови работат со големи загуби и дека постојат големи пазари како се Париз, Москва и Лондон, на кои работата би можела да процвета.
- Ние веруваме дека ако се создадат вистински стимулации, може да се привлечат значителни дополнителни инвестиции на овие пазари. И тоа, на крајот, е како да се развие играта на сите нивоа – рече Силвер. Тоа може да биде и можност ЦСКА Москва да се врати во првите редови.
Иако засега сè се базира на шпекулации, се шпекулира за цифра од 500 милиони евра, што е наводно сумата што би требало да се плати за да се купи франшизата што гарантира учество во новата лига со 16 клуба. Јасно е дека таквата понуда би била достапна само за најголемите фудбалски гиганти со силни кошаркарски секции како Реал Мадрид, Барселона или Баерн, потоа за кошаркарските гиганти како Олимпијакос, Панатинаикос и Фенербахче и за клубовите со богати спонзори од Катар, како ПСЖ, кои размислуваат да влезат во оваа лига.
Силвер би можел да ги објави своите следни чекори во наредните часови. Лигата нема да започне пред 2026 година, а ФИБА сака да ѝ се приклучат некои клубови од нејзините постојни натпреварувања што доаѓаат од големите европски градови.
Евролигата засега е во мирување, но доколку си заминат нејзините главни клубови, може да заврши како Супролигата од 2000 година, натпреварување што никогаш не тргна во позитивна насока. Одлуката оваа сезона да се одржи Фајнал-фор турнирот во Дубаи, дополнително го потресе целиот проект.