Врвниот македонски гитарист, композитор и музичка легенда, Влатко Стефановски, со два концерта на 9 и 10 мај, во Македонската филхармонија, ќе ја одбележи својата импозантна 50-годишна кариера. Покрај најавата за концертите, вчера пред јавноста беа претставени и неговите најнови винилни изданија за „Кроација рекордс“, како и персонализираните гитарски жици од светски познатата компанија „Thomastik-Infeld“ од Виена, кои од неодамна го носат неговиот потпис. Новиот албум „Лондонска сесија“ (London Session) Стефановски го сними во музичкото студио „Аби роуд“ во Лондон.
Инаку, освен Стефановски, на сцената публиката ќе ги види и: српскиот музичар Момчило Бајагиќ-Бајага; пијанистот Дамир Имери, кој гостуваше на балканските концерти на гитаристот; македонскиот кларинетист Горан Бојчевски, кој живее во Словенија; Иван Кукиќ; Јан Стефановски, како и триото „Струмица“ како придружен вокал.
Влатко Стефановски е македонски бренд во светот на рокот, џезот и на блуз- музиката, кој зад себе има остварено раскошна кариера. На вчерашната прес – конференција, покрај него, присуствуваа и познатиот продуцент Томислав Кашљевиќ од продукцијата „Мјузик тајм“, организатор на јубилејните концерти на Стефановски, како и музичката уредничка на „Кроација рекордс“, Клаудија Чулар.
Инаку, Влатко Стефановски (Прилеп, 1957) е македонски рок, поп и џез-музичар, основач на „Влатко Стефановски трио“ и еден од основачите на групата „Леб и сол“. На почетокот од 1976 год., Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушески и Димитар ја оформија групата „Леб и сол“, во која Стефановски беше гитарист, пејач, композитор и текстописец. Во текот на дваесетгодишното постоење, групата „Леб и сол“ сними 12 албуми, една двојна компилација и музика за различни намени: филмски и театарски претстави, како и телевизиски серии. Првите соло-настапи на Стефановски започнаа на почетокот од 1990-тите, а, заедно со Арсовски, во 1990 год. го издаде првиот македонски компакт-диск, со музика за рок-балетот „Зодијак“. Во 1994 год., Стефановски го сними својот прв самостоен албум, „Каубои и Индијанци“. Во 1998 год., во продажба излезе и првиот албум на „Триото на Влатко Стефановски“, во кое членуваа и тапанарот Михаил Парушев и басистот Александар Поп Христов. По долгите најави (а по иницијатива на продуцентските куќи „Трето уво“ од Скопје и „Аква сторм“ од Софија), кон крајот на 2000, во Софија беше промовиран проектот „Balkan Horses“ во кој, покрај Стефановски, учествуваа и неколкумина еминентни музичари од Балканот. Негови музички проекти се и: „Сараево“ (1996.), „Џипси меџик“ (1997), „Крушево“ – заедно со Мирослав Тадиќ (1998), „Live in Belgrade“ – заедно со Тадиќ (2000), „Трета мајка“ (2004), „Сеир“ (2014), „Мајчин јазик“ (2017), „Taftalidze Shuffle“ (2020)…