Властите во Казахстан: 32 лица ја преживеаја авионската несреќа

370

Во падот на патничкиот авион Ембраер, во кој се превезувале 62 патници и пет членови на екипажот од Азербејџан за Русија, преживеале 32 лица, соопштија казахстанските власти.

Непотврдени снимки од падот покажуваат дека авионот на Азербејџан ерлајнс се запалил кога удрил во земјата, проследен со густ црн чад. На видеото може да се видат како повредените патници го напуштаат делот од трупот на авионот кој не е сериозно оштетен, пренесува Хина повикувајќи се на Ројтерс.

Казахстанското Министерство за вонредни состојби соопшти дека противпожарните служби го изгаснале пожарот и дека преживеаните, меѓу кои и две деца, се згрижени во блиската болница.

Исто така, во тек е потрагата по телата на загинатите.

Азербејџан ерлајнс објави дека авионот „Ембраер 190“ летал од главниот град на Азербејџан Баку до Грозни, главниот град на руската Чеченија, но бил принуден принудно да слета на околу три километри од казахстанскиот град Актау на брегот на Каспиското Езеро.

Властите во Казахстан објавија дека е формирана владина комисија која ќе го истражи инцидентот и дека на нејзините членови им е наредено да полетаат до местото на несреќата за да се погрижат семејствата на загинатите и повредените да ја добијат потребната помош.

Казахстан ќе соработува со Азербејџан во истрагата, соопшти владата.

Во соопштението на руската авијациска агенција се вели дека прелиминарните информации укажуваат дека пилотот решил итно да слета откако удрил во јато птици.

По несреќата, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се врати дома од Русија, каде во среда требаше да присуствува на самитот, објави руската новинска агенција РИА.

ИЗДВОЕНИ