Анкета за рејтингот на политичките партии објавена викендов во пресрет на локалните избори ја разгоре меѓупартиската конфронтација меѓу опозициската СДСМ и владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, во настапите од двата најголеми партиски блокови практично се разоткрива кои ќе бидат главните аргументи на опозицијата и на власта во кампањата за убедување на граѓаните. Истражувањето на јавното мислење на граѓаните спроведено од агенцијата „Маркет вижн“ во периодот од 20 март до 17 април преку телефонско анкетирање врз 1.200 испитаници покажа убедливо водство на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Така, повеќе од половина од испитаниците или 51,7 проценти се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ 10,9 отсто. За ДУИ би гласале 12,1 отсто од избирачите, за Левица 6,4, а а ЗНАМ 5 проценти од граѓаните. За крилото на АА предводено од Арбен Таравари свој глас би дале 5,8 осто од испитаниците, за Беса 2,6, Демократското движење 3,6 отсто, а за Алтернатива 1 процент од анкетираните.
На Мицкоски како лидер му веруваат 25,4 отсто од испитаниците, додека претседателот на СДСМ, Венко Филипче има рејтинг од 3,8 отсто, а Али Ахмети – 6,2 отсто. Постоа следуваат Димитар Апасиев со 2,7 отсто, максим Димитриевски со 2,4 проценти, Арбен таравари – 3,8 отсто, Изет Меџити – 2,1, Билал Касами – 1,7 отсто…
-За разлика од досега криминалот и корупцијата веќе не се главен проблем во државата туку економијата, а што го смета 40 проценти од анкетираните. Тие сметаат дека економските фактори како ниските плати, пензии, невработеност и раст на цените се најголем проблем во земјава. Втор најголем проблем за 39,9 отсто од граѓаните се криминалот и корупцијата. Следат загадувањето на животната средина со 7,9 отсто, здравството со 5 отсто, надворешната политика. Граѓаните сметаат и тоа дека надлежните државни институции ефикасно се справиле со последиците од трагедијата во Кочани, дека здравствените власти успешно реагирале и дека истрагата се води брзо и ефикасно – покажала анкета.
Но ваквите резултати од анкетата веднаш ги отфрли опозициската СДСМ од каде соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ „повторно манипулира со лажни анкети во пресрет на локалните избори“.
-Омилената агенција на ВМРО-ДПМНЕ која уште од времето на Груевски е платена да ги манипулира граѓаните со лажни анкети е повторно ангажирана, овој пат за сума од 400.000 евра народни пари. Имено, Маркет вижн пред само неколку недели склучила договор со Владата на рекордна сума од 400.000 евра за да прави анкети и го мери мислењето и задоволството на граѓаните од работата на Владата. Зар некој треба да верува во овие анкети кои служат единствено за да се манипулира јавноста и се во функција на пропагандата на ДПМНЕ – соопштија од СДСМ.
Лидерот на социјалдемократите Венко Филипче, пак, во настапот на Сител телевизија практично ги скицира основите на нивната претстојна кампања за изборите. Притоа, очигледно е дека, локалните теми се во сенка на состојбите во целата држава. Лоша економска политика на Владата, опаѓање на стандардот на граѓаните, се потешко живеење, неспособноста да се решаваат проблемите, лошо справување со последиците од пожарот во Кочани, нарушена безбедоносна состојба, партизација на институциите, политички реваншизам.. се само дел од забелешките кои ги потенцира лидерот на СДСМ.
-За жал, би рекол дека државата се наоѓа во многу тешка, како никогаш досега, и економска, меѓутоа и една длабока општествена криза. Гледаме дека владата тешко се справува со проблемите коишто граѓаните ги чувствуваат во делот на стандардот, платите, коишто никако не се помрднуваат од место. Во некои институции дури не се ни исплаќаат. Кризата во владината коалиција е директна последица на неспособноста на актуелната власт да се справи со реалните проблеми на граѓаните. Еве гледате и од страна на министрите од Вреди каков хаос е и во здравството и во екологијата. Зарем гледате дека нешто се работи? Апсолутно ништо не се работи. Очигледно е дека се заинтересирани само за своите партиски интереси – обвини во настапот Филипче.
Тој додаде дека на теренот се случува и драматична и бескрупулозна партизацијата на институциите, а дека е и загрозена безбедноста на граѓаните.
-Секојдневно се случуваат инциденти кои ни укажуваат дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нема апсолутно никаква контрола на теренот. Со цели шаржери се убиваат луѓе по улиците. Ако згора на сето тоа го ставиме и катастрофалното водење на истрагата за пожарот во Кочани, би рекол дека и тоа како имаме обврска интензивно да работиме, да ја вратиме довербата на граѓаните – порача Венко Филипче.
Вчера, пак, оваа партија ја обвини власта дека преку свои институции „координирано врши притисок врз градоначалниците од СДСМ“.
Тврдењата на Филипче најдоа и на реакција на владечаката партија ВМРО-ДПМНЕ. Владеачката партија во серија на партиски соопштенија покажа со кои аргументи ќе одговара на нападите од опозицијата – со тоа дека Филипче е следбеник на „предавникот Зоран Заев“, дека е подготвен на отстапки кон Бугарија, дека Владата е стабилна и дека води добра економска политика и дека добро се справила со последиците од трагедијата во Кочани… Оттаму, во соопштението, му порачаа дека е следбеник на претходниот партиски лидер и премиер Заев.
-Филипче се залепи до Заев и вели немало друг како него, а откако Бујар Османи призна дека преговарал за етнички прашања со дозвола на СДС, бара попустливост со Бугарија. Филипче смета дека народот може да учи од Заев. За какво учење од Заев и искористување на негово искуство зборува Филипче, кога Заев единствено што правеше беше предавството и распродавањето на националните интереси. Филипче се залепи до Заев и вели немало друг како него. А, можеби е најдобро ако е така, затоа што на Македонија доволно и се предавници како него. Ама како верна сенка и продолжена рака на Заев, Филипче како да тргнал по неговите стапки, па бара отстапки и по однос на прашањето со Бугарија, потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека е очигледно дека Филипче е подготвен на попустливост во однос на бугарските барања.
-Зарем за Филипче храброст е прифаќање на сите барања од соседите за распродавање и нарушување на националниот етнички, културен и јазичен идентитет. Храброст и државничко однесување е до последен здив државниците да се борат за зачувување на етничките, културни, историски и јазични прашања и со сите овие зачувани компоненти да обезбедат напредок на државата, нагласија од владеачката партија.
Се нагласува дека Владата е стабилна, функционална и целосно посветена да обезбеди економски раст и развој и подобар животен стандард за сите граѓани
-Во владината коалиција владее демократија каде што секој има право на свое мислење, слободно изразување и партиско делување.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи на враќање на функционалноста на институциите на системот, во кои владеењето на СДС остави целосен пустош. Нешто што се рушело и разградувало за седум години власт на СДС, не може преку ноќ на се среди, но полека но сигурно, системот се враќа во функција. Економскиот пустош кој СДС го остави зад себе директно влијае на стандардот на граѓаните, но ВМРО-ДПМНЕ покажа дека со посветена и чесна работа може да се запри слободниот пад на економијата. Се покачуваат платите, пензиите, се зголемуваат директните странски инвестиции, се вложува во капитални проекти. Тоа не го зборуваме само ние, тоа го потврдуваат и надлежните институции, така што нема област каде што ќе се чепне или да се направи ревизија во работењето на институциите од претходната власт на СДС и ДУИ, а да не излезе некаква форма на организиран криминал и корупција – одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владеачката партија и последната анкета ја потврдува поддршката на граѓаните, која е рекордна.
– Довербата во Владата и премиерот Мицкоски е потврдена и преку најновата анкета на агенцијата „Маркет вижн“. Овие бројки не се само признание за досега сработеното, туку и обврска уште поенергично да продолжиме да работиме чесно, посветено и во интерес на сите граѓани. Институциите повторно функционираат, економијата расте, а активната борба против криминалот и корупцијата е веќе видлива за сите. Македонија конечно тргна напред. Заедно со граѓаните ќе продолжиме да ја градиме подобрата иднина за сите – порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
(Б.Ѓ.)
Герасимовски, Христовски, Митовски, Комненовиќ – први фаворити на социјалдеморкатите на локалните избори
Горан Герасимовски во Центар, Томе Христоски во Крушево, Сашко Митовски во Крива Паланка и Сашко Комненовиќ во Чучер-Сандево, ова се првите четири имиња што лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, ќе ги објави како сигурни кандидати за локалните избори во октомври. Во информацијата која викендов ја објави ТВ 24 се наведува дека меѓу најпосакуваните имиња во СДСМ за кандидат за скопски градоначалник универзитетски професоро и поранешен член на Извршниот одбор на партијата, Мишко Ралев. За ова трка, познато е, се спомнуваа и имињата на Каја Шукова, Ѓорѓи Галетановски, Андреј Петров, па дури и екс-скопски градоначалник Петре Шилегов.
Во Струмица, пак, битката ќе биде меѓу три познати имиња: актуелниот градоначалник Коста Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и поранешниот градоначалник Коста Јаневски.