Законските решенија на СДСМ за намалување на ДДВ-то за струја и укинување на ДДВ за храна не се изгласани од владејачкото мнозинство во Парламентот. За пратеничката од СДСМ и ексминистерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, тоа значи дека власта ги оставила граѓаните сами со големите цени и со високите сметки.
– Кога ќе платите висока сметка за струја, кога ќе мора да платите превисоки цени за храна во маркет, да знаете дека има причина за тоа. Граѓаните имаат сè помалку пари во џебовите, животниот стандард опаѓа. Нашиот предлог-закон за намалување на ДДВ за струја на 5 % и целосно укинување на ДДВ за храна беа со посветена цел: да се спречи скапотијата, да се намалат цените, да се обезбедат пониски сметки за струја за над 600 илјади домаќинства и да се заштити стандардот на народот – истакна Тренчевска.
Таа истакна дека само со укинување на ДДВ за храна, граѓаните би заштедиле 2.000 денари месечно, а со намалување на ДДВ за струја – до 400 денари месечно. И покрај тоа што е одбиен нивниот предлог, таа истакна дека СДСМ ќе продолжи неуморно да се залага за мерки што ќе го подобрат животниот стандард и ќе го заштитат достоинството на секој македонски граѓанин.
ВМРО-ДПМНЕ предлага измени на Законот за заштита на потрошувачите, со што ќе се предвиди трговците да ги означуваат и да ги објавуваат продажните и единечните цени на своите веб-страници, на недвосмислен начин, со цел да може да се направи јасна споредба.
– Големите, средните и малите трговци што вршат трговија на мало се должни да ја објават на својата веб-страница, одделно, тековната продажна, односно единечна цена во моментот на објавувањето за секој свој производ во секој свој маркет, и тоа на дневна основа. Со овој закон му се дава овластување на Министерството за економија со подзаконски акт да се одреди начинот на објава на стоката, да се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите, а инспекторите ќе казнуваат доколку не биде застапено ова во маркетите. Оваа обврска нема да се однесува на микро и на малите трговци и на трговците поединци, а ќе обезбеди транспарентност, фер конкуренција и заштита на потрошувачите од нефер практики – објаснува пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.