Во време на избори, власта треба да ја стопира планираната набавка на транспортни хеликоптери, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи ја одлуката за купување осум хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“, во вредност од 250 милиони евра, која ја донесе Владата на последната седница минатата недела.
Додека власта излегува со уверување во исправноста на одлука за набавката на хеликоптерите потребни за модернизација на Армијата, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека, на неколку недели пред избори, во период на техничка влада, недозволиво е СДСМ и ДУИ да вршат избор на тендер тежок 250 милиони евра и оценуваат дека идната влада треба да одлучува за тоа.
– Наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што не ја зголемува борбената готовност на АРМ. Дополнително, никој не знае како е избрана фирмата „Леонардо“ и зошто не се избрани другите компании, меѓу кои американска компанија или германско-француски конзорциум. Како е извршен изборот и кој ја донел одлуката што, всушност, да се набави? Наместо трошење 250 милиони евра пред избори, да се стопира набавката и идната влада да одлучува за неа – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Овластена за набавката на транспортни хеликоптери е министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која треба да го потпише аранжманот помеѓу Министерството за одбрана на Македонија и Министерството за одбрана на Италија, за соработка на полето на воената хеликоптерска авијација.
Викендов, Петровска излезе со уверување дека нема никаква корупција во одлуката за купување на осумте хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“.
– Двете влади на Северна Македонија и на Италија имаат склучено договор и обвинувањето за оваа компанија значи и обвинување кон Италија, што и дипломатски е недозволиво. Италијанската компанија „Леонардо“, во понудата од 230 милиони евра, има дадено и пакет за одржување на хеликоптерите. Предвидени се обука за пилотите што ќе ги летаат и изградба на сместувачки капацитет, кој ќе биде дел од воздухопловниот ВИНГ во касарната „Петровец“ – изјави Петровска.
Таа рече и дека верува во стручноста и професионалноста на македонскиот тим, кој ја донел одлуката за купување на осумте хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“, порачувајќи дека тие знаат во која насока треба да оди модернизацијата на Армијата. Петровска, која викендов присуствуваше на одбележувањето на четиригодишнината од влегувањето на земја во НАТО и 75 години НАТО-алијанса, во Штип, истакна дека таа го ставила својот потпис на договорот за набавка на хеликоптерите токму затоа што верува во луѓето што го спровеле овој процес.
На брифинг со новинарите, таа претходно кажа дека тимот од експерти во Министерството за одбрана и Армијата функционира од 2019 година и дека во овој период имал бројни работни состаноци и посети на компаниите кандидати за набавка на новата платформа хеликоптери, како и дека се извршени демонстративни летови со потенцијалните нови хеликоптери.
Додаде дека паралелно со оваа набавка, Министерството за одбрана работи и на подобрување на состојбата со персоналот што понатаму ќе ги лета и ќе ги одржува овие хеликоптери.
– Со набавката на новите хеликоптери, ќе дојде до значителна модернизација на воздухопловната компонента и до подигање на способностите за извршување мисии како за потребите на Армијата така и за поддршка и на другите цивилни институции на нашата држава. Инвестирањето во Армијата е инвестирање во иднината на нашата држава и затоа ќе продолжиме со овој интензитет – истакна министерката Петровска.
Дополни дека договорот меѓу Македонија и Италија за хеликоптерите треба да биде потпишан деновиве и дека се очекува хеликоптерите да пристигнат во периодот од втората половина на 2026 до крајот на 2028 година.
Во оваа набавка, покрај набавката на 4 хеликоптери од типот AW149 и 4 хеликоптери од типот AW169M, е вклучен и пакет за логистичка поддршка.