Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, вели за весникот ВЕЧЕР дека има чести дефекти на авионот и дека за купување резервни делови и за поправки, од 2017 година досега се потрошени 3,5 милиони евра. – Имам чувство дека авионот се распаѓа. Затоа и владини претставници и делегации избегнуваат да се возат со него и претпочитаат да одат со комерцијални летови, иако така се губи повеќе време. Тешко се набавуваат резервни делови за авионот бидејќи и ги нема. Само за редовно сервисирање во Нирнберг и за менување делови, од 2017 година имаме дадено 3,5 милиони евра, а пак имаме стар и нефункционален авион, вели Томовски. Тој смета дека треба да се купи нов или да се набави половен авион, но не постар од 2-3 години, но за ваква набавка, потребен е консензус и од власта и од опозицијата и одлуката да се донесе во Собранието
Шефицата на државата, Гордана Сиљановска- Давкова, пред една недела не замина на отворањето на Нотр Дам во Париз поради дефект на владиниот авион. Ова е последниот од мноштвото дефекти што му се случуваат на владиниот „лир џет 60“. Авионот се расипал на 3 декември и со него патувал претседателот на Собранието, Африм Гаши, во Стокхолм, Шведска. Во текот на подготовката на авионот за лет кон Скопје и редовните активности и проверки на аеродромот во Стокхолм, било утврдено дека е неисправен едниот од двата инструмента што ја покажуваат температурата на издувните гасови од моторите.
Од владината Служба за општи и заеднички работи информираа дека, според прописите на производителот, неисправноста на еден таков инструмент не дозволува летачка операција, ниту стартување на моторите додека не се заменат.
Директорот на оваа служба, Ивица Томовски, тогаш изјави дека наредниот ден му бил вграден нов инструмент на авионот, кој потоа бил ставен на дополнителни анализи и испитувања.
Томовски вели за весникот ВЕЧЕР дека има чести дефекти на авионот и дека за купување резервни делови и за поправки, од 2017 година досега се потрошени 3,5 милиони евра.
– Имам чувство дека авионот се распаѓа. Затоа и владини претставници и делегации избегнуваат да се возат со него и претпочитаат да одат со комерцијални летови, иако така се губи повеќе време. Тешко се набавуваат резервни делови за авионот бидејќи и ги нема. Само за редовно сервисирање во Нирнберг и за менување делови, од 2017 година имаме дадено 3,5 милиони евра, а пак имаме стар и нефункционален авион – вели Томовски.
Тој смета дека е потребно да се набави нов или половен авион, но со повеќе од 14 седишта (сегашниот авион има само осум).
– Еден нов и поголем авион чини околу 20 милиони евра, но ако размислуваме да купиме половен, да речеме стар 2-3 години, би чинел околу 15 милиони евра. Но, за купување авион, потребен е консензус и од власта и од опозицијата и одлуката да се донесе во Собранието. Досега никоја Влада не собра храброст да се набави нов авион. Срамота е за државата да нема владин авион. Ако ви текнува, претседателот на Албанија, Еди Рама, го прати својот авион за да може експремиерот Зоран Заев да присуствува на настан во странство – вели Томовски.
Двајца пилоти го возат владиниот авион и, како што вели Томовски, ако еден од нив не е во можност да пилотира, тогаш воздухопловот мора да остане приземјен. Затоа тој најави дека многу брзо ќе биде распишан оглас за вработување на најмалку уште еден пилот.
Владиниот авион од типот „лир џет 60“ е единствениот македонски државен авион. Купен е во 2005 година и речиси 20 години со него се превезуваат ВИП-личности од највисок ранг во нашата држава. Овој авион е технолошки застарен модел и ако се спореди со лимузините, може да се рече дека е олдтајмер.
Дали е безбеден владиниот авион и дали ѝ треба нов авион на македонската Влада, е прашање што се врти во јавноста. Весникот ВЕЧЕР пред неколку месеци побара стручно мислење од Ѓорги Чачкиров, сообраќаен инженер, професионален пилот во пензија, долгогодишен активен воздухопловен актер и сегашен хроничар на македонското цивилно воздухопловство.
– Веќе одамна забот на времето го јаде овој владин авион, а, исто така, тој е целосно техничко и технолошки застарен. Со оглед на староста на овој тип авион, производителот значително го намалил или целосно го прекинал производството на резервни делови. Во такви услови, доколку нема во домашниот магацин, потребна е цела потрага по соодветен дел или систем, а авионот останува приземјен. Некогаш тоа може да трае и трае додека да биде пронајден. Конечно, и по пронаоѓањето на бараниот дел или систем, тие делови најчесто се фабрички „репарирани“ и сертифицирани (фабрички поправени и обновени), но, по правило, со пократок век на траење, односно пократко временско и часовно користење – објаснува Чачкиров.
Од друга страна, Чачкиров посочува дека владиниот „лир џет“ е мал и неудобен авион, па и врвни државници, како и сите патници, мораат да одат со наведнати глави во него, а доколку станат двајца од своите седишта, нема простор да се разминат во него. Поради овие причини, Чачкиров смета дека на Македонија сигурно ѝ треба нов државен авион.
– Би рекол дека на државата ѝ треба поголем авион, не голем, туку поголем од овој што го имаме. Според капацитетот, би требало да биде со 20 до 25 седишта, со можност за менување на неговата внатрешност. Тоа би значело можност за промена на бројот на седишта (максимален или помалку); можност за создавање т.н. салон верзија за ВИП-патување (високи државници), како и можност за комбинирање во делумно ВИП и патнички дел, со или без преграда на овие простори. Ова би значело можност за патување на повеќебројна делегација или државници придружувани од новинари и од соодветни безбедносни и други служби. Покрај тоа, за новиот авион може да се побара од производителот да обезбеди можност за негово адаптирање во санитетска верзија, за брз транспорт на пациенти итн. – вели Чачкиров.
Тој смета дека изборот на нов авион треба да биде направен од воздухопловна стручна комисија, раководена, пред сѐ, од владината авиослужба, која располага со најмериторни податоци.
– Државната авиослужба би рекол дека е „најскапиот“ дел од оваа проблематика. Како што изнесов, набавката на нов авион е релативно едноставна. За разлика од тоа, формирањето каква било авиоорганизација бара сложен процес што претпоставува изработка на соодветни елаборати, соодветни стручнотехнички и оперативни документи и служби, како и целосна кадровска екипираност. Пилоти и техничари, како и оперативни служби, не се добиваат едноставно, евтино и за краток период. Затоа токму тоа е и најскапиот дел од оваа авионска приказна, а македонската владина авиослужба го има тоа во целиот овој период на своето постоење и треба да го негуваме тоа. Во таа насока, да не заборавам, нашата географска поставеност досега доживеала копнени затворања на границите, а единствен излез ни биле воздушните коридори – посочува Чачкиров.
(С.Бл.)