Владата донесе седум измени на закони со кои ќе се зголемат безбедносните стандарди, ќе се заострат контролите при изработка и спроведување на елаборатите, а се предвидени и повисоки парични казни за оние сопственици на објекти што нема ги спроведуваат, но и за инспекторите кои ќе им прогледуваат низ прсти. Со овие измени, овие контроли стануваат обврзни најмалку два пати годишно – на шест месеци, а може и почесто и што е многу важно, жалбата нема да го одложи извршувањето.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, очекува следната недела измените да поминат и во Собранието.
– Во досегашниот систем, тие контроли воопшто не се предвидени, а ова што го правиме ние со контролите, го правиме на добра волја. Нашата цел не е да казнуваме, целта е да се воспостави ефикасен демократски систем во кој оние што доброволно барале лиценци, мораат да го почитуваат законот континуирано – потенцира Николоски.
Во сегашниот систем, вакви контроли воопшто не се предвидени.
– Претходно требаше да се чека одлука на Управниот суд, па по тоа да се чека да стане правосилно решението. Ние велиме „не“, решението веднаш станува правосилно. Наша цел е да ги натераме оние што доброволно побарале лиценца, ако можеле да ги исполнуваат законските услови на денот на барањето, да мораат да ги исполнуваат и во текот на целокупното работење. И затоа планираме ова да е една континуирана акција, пред сè за подобрување на општеството. Наша цел е да се подобрува општеството, не е да казнуваме, казната доаѓа како превентивна мерка – истакна Николоски.
Тој објаснува дека компаниите го изигрувале законот со вработените со тоа што откако ќе ги исполнеле законските услови со доволен број вработени и ќе ја подигнеле лиценцата, веднаш потоа отпуштале одреден број вработени.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на денешната прес-конференција изјави дека станува збор за квалитетни законски решенија кои треба да создадат систем кој ќе делува превентивно. Тој рече дека сите проблеми ги направила „регулаторна гилотина“ донесена во 2008 година кога поради упростување на процедурите за вадење лиценци, е оставено се на совеста и потписот на барателот дека се исполнети сите безбедносни и други процедури и критериуми.
– Тоа сега го укинуваме и Комисија која ќе биде составена од професионалци од сите области кои ќе гарантираат со своите потписи дека за лиценците пред да бидат издадени. Ние сме држава со проблематичен менталитет и имало случаи да инспектори им веруваат на странките и дури и им кажуваат како да го изиграат законот, наместо да бараат да го спроведат. За да има одговорност, и за членовите на комисијата се предвидени парични казни или пак ќе имаат некоја друга законска обврска – рече Ристески.
(С.Бл.)