Со почетокот на грејната сезона и со промената на временските услови, се создаваат услови за зголемување на загадувачките ПМ- честички во воздухот, кои влијаат врз здравјето на луѓето. Скопје деновиве е еден од најзагадените градови во регионот, а ништо подобра не е состојбата ни во градовите во внатрешноста на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека Владата ќе бара спас од енормното загадување на воздухот во когенеративните централи на гас, кои ќе произведуваат електрична и топлинска енергија. Тој вели дека Владата е во потрага по партнери за заедничко вложување во когенеративни централи.  – Имаме во план да направиме неколку. Тоа нема да биде скоро, можеби за три-четири години од денес, бидејќи ништо не е направено досега. Но, тоа е еден од начините како да реагираме веднаш и да направиме нешто за да го подобриме квалитетот на воздухот. Нема друг начин. Магија и чудо не постојат. Ако почнеме од денес да го развиваме тоа, резултатите ќе ги очекуваме за три-четири години, рече Мицкоски

 

Со почетокот на грејната сезона и со промената на временските услови, се создаваат услови за зголемување на загадувачките ПМ-честички во воздухот, кои влијаат врз здравјето на луѓето. Скопје деновиве е еден од најзагадените градови во регионот, а ништо подобра не е состојбата ни во градовите во внатрешноста на државата.

Последните анализи на релевантни лаборатории ги потврдуваат причините за аерозагадувањето, кои ни се добро познати изминативе години, а тоа се: согорувањето на дрвата; минералната прашина, која е поврзана со градежништвото и со распрскување на прашината од улиците; согорувањето на отпадот, како и согорувањето на нафтата и на мазутот, кои најчесто се користат за загревање на јавните институции.

Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека Владата ќе бара спас од енормното загадување на воздухот во когенеративните централи на гас, кои ќе произведуваат електрична и топлинска енергија.

– На тој начин ќе се намали употребата на дрвото, пластиката и на нафтата за затоплување на домовите, а загадувањето и високата емисија на ПМ2,5 и на ПМ10-честички во воздухот на тој начин би можеле да се намалат за 60 проценти – истакна Мицкоски.  

Тој вели дека Владата е во потрага по партнери за заедничко вложување во когенеративни централи.

– Имаме во план да направиме неколку. Тоа нема да биде скоро, можеби за три-четири години од денес, бидејќи ништо не е направено досега. Но, тоа е еден од начините како да реагираме веднаш и да направиме нешто за да го подобриме квалитетот на воздухот. Нема друг начин. Магија и чудо не постојат. Ако почнеме од денес да го развиваме тоа, резултатите ќе ги очекуваме за три-четири години – рече Мицкоски.

Во таа насока, министерот за здравство, Арбен Таравари, најави дека на Влада поминал проект што треба да стапи на сила наредната година. Се работи за 10 болници каде што ќе се замени досегашното греење со мазут и со нафта со нови начини што нема да го загадуваат воздухот. Тој се надева дека проектот ќе помогне многу во намалувањето на аерозагадувањето.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) оваа година проектираше низа дополнителни конкретни активности и ги насочи сите расположливи ресурси кон навремено преземање конкретни мерки со кои ќе се постигне поголем ефект во намалувањето на аерозагаденоста.

Во Министерството е формирана интерна работна група за чист воздух, од претставници од сите релевантни сектори од институцијата, која ќе ѝ предложи на Владата акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности, чија цел е да се забрза процесот на постигнување видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот.

– За квалитетот на воздухот, мора сите да преземеме нешто, а Министерството за животна средина и просторно планирање оваа сезона дејствува проактивно, и со предлог-мерки и со мотивирање на различните чинители да се подготват и посериозно да дејствуваат во пресрет на зимската сезона – велат од МЖСПП.

Направен е план за посета и инспекција на индустриските капацитети што поседуваат А интегрирана еколошка дозвола. Посетите ќе се одвиваат по плански региони во државата, а екипата ќе биде составена од претставници од Државниот инспекторат за животна средина и од Министерството.

Целта не е само да се изврши контрола на индустрискиот капацитет – дали ги исполнува обврските од дозволата туку и да се влијае на подигање на свеста и подготвеноста на компаниите во пресрет на зимската сезона да преземат и дополнителни мерки со кои би влијаеле позитивно врз квалитетот на воздухот.

Од Министерството апелираат до граѓаните и до институциите, компаниите за совесно однесување во однос на начините на затоплување, чистењето на оџаците, фрлањето на отпадот, палењето на депониите, користењето на возилата, градежните работи на отворено, палењето стрништа и слично.

На кои платформи за загаден воздух да им веруваме?

Деновиве, повеќе интернет-платформи што го мерат квалитетот на воздухот, како AirCare и IQAir, прикажуваат различни бројки за нивото на загадувачки честички во воздухот во Скопје, но и двете го рангираат главниот македонски град во топ-десетте најзагадени градови во светот.

Горјан Јовановски, советник во Град Скопје и екологист од Зелен хуман град, ги објаснува разликите меѓу податоците на AirCare и на IQAir со оние на домашната платформа МојВоздух.

– AirCare користи EU AQI како основен индекс за загадување, додека IQAir користи US AQI. Тие се тотално различни скали (едната мери од 0 до 100, другата од 0 до 500), па затоа кога гледате US AQI, бројките се поголеми. Ако сакате да ги споредувате апликациите, AirCare во менито отстрана нуди можност да се смени апликацијата во US AQI – објаснува Јовановски.

Тој нагласува дека AirCare користи податоци од државни и од волонтерски мерни станици, додека IQAir користи само државни, што значи има помало покривање и помалку податоци кога ќе се расипат државните.

– IQAir ги покажува последните податоци измерени од една станица, без разлика колку се стари, дури и по 12 часа. Во AirCare, штом немаме нов податок повеќе од 60 минути, ја обележуваме станицата дека нема вредност. Транспарентноста е клучна – вели Јовановски.

Тој објаснува дека IQAir јавно не ја кажува својата методологија на рангирање на градовите.

– Второ, Скопје често е на топ-листите во Европа, но на светско ниво има огромен број градови во земји како Кина, Индија, Пакистан што се многу позагадени. Без јасна методологија кои градови се рангираат, како и колку често, IQAir само си прави можност за реклама од медиумите. Нашата методологија ја споредува моменталната загаденост на градовите што имаат над 300.000 жители, и може да се види и на апликацијата и на веб-страницата https://getaircare.com/web/ – вели Јовановски.

(С.Бл.)