Владата скрои новогодишната кошничка со дефиниран список со производи и цени. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во пресрет на зимата ќе стартува новата кошничка, со која, како што истакна, граѓаните повторно ќе ги почувствуваат ефектите како што беше со есенската.

Пред почетокот на зимата, за која се најавува дека ќе биде предизвикувачка, со ниски температури, премиерот е оптимист дека нема да има поскапување на електричната енергија. За средината на следната недела, тој најави позитивни вести во однос на снабдувањето и на стабилноста на енергетскиот сектор во земјава.

Дополнително, премиерот најави и продолжување на уште една мерка. Ваучерите за инвертер-климите за граѓаните ќе бидат достапни и следната година. Изминативе денови, Владата додели над шест илјади ваучери или околу 155 милиони денари за енергетска ефикасност, но и за социјално ранливите потрошувачи. Доделените ваучери се со вредност од 23 или 25 илјади денари за енергетска ефикасност и од 27 до 30 илјади за ранливите групи потрошувачи.

Од СДСМ велат дека власта најавува нова кошничка, која ќе ги намали цените за 0,1 %.

– Цените на основните производи растат, куповната моќ опаѓа, а многу семејства едвај врзуваат крај со крај. Мерката на Владата со замрзнување на маржите или таканаречената есенска кошничка не даде никаков ефект и цените не се намалија. Државниот завод за статистика го потврди тоа, цените на мало во октомври се намалиле само 0,1 %. Синдикалната кошничка, пак, е намалена за само 57 денари. Состојбата на терен, во маркетите, која граѓаните ја гледаат секој ден, е најголем доказ за тоа. Белиот леб и натаму се продава по 33 денари. Тестенините намалени за 1 денар, а цената на маслото за готвење од 78 се зголеми на 87 денари. Исто е и со млекото и со млечните производи. Споредбено, октомври 2023 со октомври 2024 година, трошоците за живот се зголемија за 3,5 % додека платите се намалија за 1.000 денари – вели пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска.

Според неа, Владата задоцнила и спровела мерка што се покажала како недобро осмислена, погрешна и неефикасна. Вели дека, освен трговците, кои имаат корист, граѓаните не ни почувствувале дека постои мерка за намалување на цените, ниту некаква кошничка. Таа вели дека предлог-законот предложен од СДСМ, за укинување на ДДВ-то на храната, е вистинско и одржливо решение, кое власта требаше да го прифати, а не да го игнорира.

– Со укинување на ДДВ-то на храната на основните производи, веднаш ќе поевтинат 250 категории производи. Реална заштеда кај граѓаните и до 2.000 денари, што значи повеќе пари во нивните џебови. Дополнително, воопшто нема да биде товар за компаниите и трговците не може да ја изиграат – потенцира таа.

Премиерот Мицкоски жали што опозицијата неосновано критикува, бидејќи бројките и резултатите, како што вели, „не кореспондираат со лагите на СДСМ за ефектот од намалените цени со мерката есенска кошничка“.

(С.Бл.)