Владата го задолжи Министерството за правда да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, изјави владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција по завршувањето на владината седница.
– Разочараноста на Владата од постапувањата надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира резултира со нарушена доверба и со нефункционирање на правната држава. Прво се отвори расправата за последниот индекс на транспарентност кој беше објавен денеска и каде што детално може да се види дека 4 точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во судството и во обвинителството. Последното именување на в.д. шеф на Вишото јавно обвинителство е одлука која е незаконска, односно која е надвор од одредбите пропишани во Законот за јавно обвинителство – изјави Митева.
Koцевски, пак, вели дека е време на раководител, а не вршител на должност.
„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски.
Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации и заради избегнување на недоразбирања, сакам да го појаснам следното: Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, беше со важност до 31.12.2024 година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година.
Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство. Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје.
Сакам да укажам дека не е првпат да се постапува на овој начин и приоритет беше во случајот да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи. Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје.
Според тоа ве верувам дека моето постапување во овој случај, како и во целокупното мое работење е согласно закон, а со цел овозможување на непречено и законито функционирање на јавното обвинителство и заштита на јавниот интерес“.