Владата очекува една милијарда евра директни странски инвестиции (СДИ) до крајот на годинава. Според владиниот портпарол, Марија Митева, во периодот јануари – септември, СДИ достигнале 838 милиони евра, што е зголемување од 348 милиони евра во однос на тој период лани и убедлив рекорд во изминатите 20 години.

– Податоците покажуваат дека само во третиот квартал оваа година, приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигнал 281 милион евра. Во овој период се бележи зголемен нето-прилив врз основа на меѓукомпаниски долг, што во годините претходно можеше да се забележи како одлив. Овој прилив е во вредност од 219 милиони евра. Имаме и прилив врз основа на сопственички капитал од 39,9 милиони евра и реинвестирана добивка од 22 милиони евра – рече Митева.

Таа ги наброја инвеститорите со кои беа потпишани договори по доаѓањето на оваа Влада. Како пример го посочи „Алказар енерџи“, кој ќе гради ветерен парк со 55 ветерници на просторот меѓу три општини – Штип, Карбинци и Радовиш и во текот на изградбата се очекува да отворат 630 нови работни места. Ги спомена и „Епсотек“, новата германско-белгиска инвестиција од 20 милиони евра, која ќе отвори нови 110 работни места, и новата инвестиција на „Костал“ од 45 милиони евра, со нови 250 вработувања.

– Инвестираме и во домашните компании преку кредитната линија од 250 милиони евра. Сите овие економски политики ќе донесат забрзан раст, зголемено производство и подобар животен стандард на граѓаните – посочи Митева.

 

ИЗДВОЕНИ