Дали унгарскиот кредит ќе обезбеди стабилизација на општините или само затворање на финансиските дупки, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во медиумско гостување, истакна дека претходната Влада покривала загуби на локалните самоуправи, што, според него, апсолутно е погрешен чекор, бидејќи со тоа се стимулира неработење, т.е. непродуктивност.

– Сведоци сме дека оние локални самоуправи што зедоа најголем дел од тој колач, сега повторно се, горе-долу, во делот на исто ниво на загубите, што практично ја потврдува оваа моја констатација – вели Перински.

Тој додаде дека затоа оваа Влада одлучила да направи повик за општините, кој е насочен кон подобрување на капиталната инфраструктура и кој би требало да создаде вредност во рамките на самите локални самоуправи, но, исто така, и да го поправи квалитетот на живот на самите граѓани.

Одговарајќи на прашањето зошто не може да се санираат минусните салда, Перински истакна дека е убеден оти локалните самоуправи можат да бидат самоодржливи и дека во моментов има такви.

– Најголемата грешка, проблем кај општините загубари е во делот на планирањето на приходите и на расходите. Планираат дека ќе имаат 100 отсто приходи од комуналните такси и даноците на имот, но, за жал, не го постигнуваат тој процент, а врз основа на проектираната вредност на приходната страна, проектираат расходна страна што ја реализираат во целост. Тука се генерира таа загуба. Дополнително, имаме огромна разлика меѓу локалните самоуправа во делот на колектирањето средства од сопствени извори на финансирање, кои се многу значајни за нив и тоа е суштината на процесот децентрализација – градењето на капацитетите на ниво на локална самоуправа – објаснува Перински.