Владата на последната седница го укина заклучокот на техничката влада од 13 јуни годинава со кој за реализација на Проектот за изведба на автопатот Коридор 8, Делница 2: Гостивар-Букојчани, на изведувачот американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му бидат префрлени дополнителни 252.699.474 евра.

Од Владата информираат дека овие над 250 милиони евра не се планирани и обезбедени во Буџетот, што значи не се економски исплатливи и ќе предизвикаат финансиски импликации.

Оттаму најавуваат дека за овој заклучок ќе биде известено и Основното јавно обвинителство.

– Овој заклучок бил усвоен на 13 јуни оваа година, повеќе од еден месец после изборите и на неколку дена пред донесување на Одлуката за избор на нова Влада, како и економската неисплатливост за реализација на истиот – соопштија од Владата.

Новата транша од четвртина милијарда евра е планирана за 2024 година и парите требаше да се трошат за „капитални индиректни трошоци, односно на трошоци кои се задолжени од странски изведувач и се во функција на поддршка на градежни активности“.

– Тоа вклучува асистенција од специјалисти за технички, комерцијален и управувачки капацитет за надгледување на проектот и надгледување на активностите на проектот од персонал од главната канцеларија на изведувачот; изработка на проектна документација за изградба на автопатиштата, проектирање и изведба на дислокации на подземни и надземни инсталации, подготвителни градежни активности на траса; градежни активности за изградба на траса, геомеханички истраги, геодетски работи, обезбедување на канцеларии и други потреби за надзорот и друго за патните правци: Делница 1, Тетово – Гостивар; Делница 2, Гостивар – Букојчани; Делница 3, Требениште – Струга – Ќафасан; и Делница 4, Прилеп – Битола – се наведува во Програмата.

Ова не се први големи државни пари за контроверзниот проект. Лани во април Министерството за транспорт и врски од државниот Буџет му исплатило на ЈП за Државни патишта 117 милиони евра, а во јуни уште 53,33 милиони евра, средства кои потоа завршија на сметката на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на двата коридори, така што досега на „Бехтел и Енка“ вкупно им се исплатени над 170 милиони евра.

При исплатата на вторатат транша, која според Програмата за 2023 година требаше да изнесува 50 милиони евра, Министерството исплатило дури три милиони евра повеќе од претходно предвиденото, што пак, повторно го отвора прашањето – дали навистина изградбата на овие коридори вкупно ќе чини 1,3 милијарди евра или пак, многу повеќе.

Пред повеќе од една година, поранешниот екс прв вицепремиер, Артан Груби истакна дека „овој проект ќе го продолжи и следната влада која ќе ги пресече лентите и сите граѓани ќе водат по нив“.

Вицепремиерот за економски прашања и министер за транспорт, Александар Николоски рече дека „душмански е јас да го прекинам договорот со „Бехтел и Енка“, Владата на СДСМ и ДУИ веќе им исплати 240 милиони евра“.

– Нашата главна битка во годините што следуваат е да добиеме повеќе километри автопат во рамки на истата финансиска сума која што е договорена, а исто така јавноста треба да знае дека претходната влада на СДСМ и ДУИ веќе има исплатено 240 милиони евра на изведувачот за буквално ништо, односно за т.н. подготвителни работи што не ги гледаме и мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет, ако сакате и душмански јас сега да го прекинам договорот, а тие средства се веќе кај изведувачот и не може да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и веројатно да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра на македонските граѓани, а да немаме ни километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап е да се бориме со нив, да добиеме што повеќе километри автопат, што побрзо изградиме во Македонија – рече Николоски.

(С.Бл.)