Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Македонија за изградба на заедничкиот железнички тунел „Деве Баир“

43

Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“, ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со макеоднската страна за текстот на договорот, соопшти денеска прес-службата на Советот на министри.

Како што пренесува БТА, целта е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Македонија.

– Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратешкиот транспортен Коридор ВИИИ е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, така и за земјите од регионот – стои во соопштението.

Договорот предвидува формирање Мешовит комитет кој ќе ги координира сите активности поврзани со изградбата и работењето на тунелот Деве Баир. Министерството за транспорт и врски ќе разговара со Република Северна Македонија за текстот на договорот.

Во декември, стои во информацијата, Министерството за транспорт и врски побара јасни заложби и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Македонија да бидат направени во меѓувладин договор.

За третиот дел од пругата кон Бугарија, македонската и бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври кога се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи: да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.

Во повик за планираната трета средба во Скопје, Николоски рече дека бугарската страна треба да собере храброст да се затвори ова прашање.

– Нашите аргумети се јасни и тие стојат – мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга сосе електрификација. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница – рече Николоски, во Собранието на 29 ноември.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, веќе се заокружува и ќе биде пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 процемти, а рокот е 2026 година.

ИЗДВОЕНИ