Владата на утрешната седница ќе донесе одлука за организирање и обезбедување превоз и сместување на семејствата на повредените од трагедијата во Кочани кои во моментов се пренесени на лекување во други земји, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
Во вакви моменти семејствата не треба да се грижат за логистиката или финансиските оптоварувања кога им се најпотребни на своите најблиски. Затоа, Владата ќе ја преземе одговорноста за покривање на трошоците за транспорт и сместување, обезбедувајќи им на семејствата да бидат покрај своите најблиски“, рече Митева на прес-конференцијата во Владата.
Таа ги повика сите засегнати семејства на повредените во пожарот во Кочани да ја искористат оваа можност и да се јават на телефонската линија 070 270 370 за да ги добијат сите потребни детали, за потоа, како што рече, Владата да може ефикасно да ја организира поддршката што им е потребна и да го олесни ваквиот процес.
Владата ќе соработува со Црвениот крст на Скопје за управување со официјалната сметка за донации. Оваа одлука е донесена од неколку причини – главно, да постои единствена, официјална сметка за донации, за да не постојат дилеми каде и како се донира.