Владата го стави на дневен ред полнењето на Дојранското Езеро од хидросистемот „Ѓавато“

15

Општина Дојран и официјално, преку системот е-Влада, испрати информација до Владата со која се бара итно постапување за санација и пуштање на хидросистемот и таа е ставена на дневен ред на седница на Владата. Ова вчера го соопшти на Фејсбук градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов.

Тој ги поканува граѓаните на најголемата еколошка акција за чистење на крајбрежјето на Дојранското Езеро, која ќе се одржи утре.

– Да ја покажеме грижата за Дојранското Езеро, а со ова, исто така, да испратиме силна порака до надлежното Министерство за животна средина дека хидросистемот „Ѓавато“ мора да биде пуштен. Се надеваме на позитивен исход и разбирање. Затоа сите заедно, сплотени, без какви било поделби, да го покажеме единството и да испратиме силна порака за нашиот бисер – Дојранското Езеро – напиша Ангов.

Инаку, градоначалникот на Дојран ја лоцираше одговорноста за нефункционирањето на хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро во Министерството за животна средина и во повеќе наврати испрати барања во кои се наведува итноста од пуштање во употреба на хидросистемот „Ѓавато“.

Според вчерашните мерења на УХМР, нивото на водата во Дојранското Езеро е 80 сантиметри под договорениот минимум.