Вкусна храна, забава и еколошки настан во паркот „Авионче“ во Аеродром

2712

Во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче, утре со почеток во 11 часот, ќе се одржи настанот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На настанот ќе учествуваат над 300 излагачи и над 50 здруженија, федерации, индивидуални земјоделци кои ќе го промовираат нивниот домашен производ.

Овој настан го организира здружението „Винотек“, а како помагатели на настанот се јавуваат и Организацијата за храна и земјоделство на ООН – FAO, Постојаната работна група за регионален рурален развој – SWG RRD, Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ), имплементирано од германското друштво за интернационална соработка (GIZ) и проектот за поддршка на диверзификација на економски активности во Југоисточна Европа.

В недела, пак, непрофитната компанија која управува со отпад од пакување и соработува со компании од голем број индустрии, „Еуро-Екопак“, заедно со Oпштина Аеродром, во 12 часот, исто така ќе организираат настан во паркот „Авионче“ во Скопје.

Активноста е дел од проектот „CleanAirDrom“ и фокусот ќе биде ставен на собирање на отпадно стакло (шишиња, тегли итн.) за што ќе биде поставена соодветна опрема. Воедно, посетителите ќе може да уживаат и во настапите на: дуото ДНК, детскиот хор „Поточиња“ и танц групата „Аква денс“.

Проектот „CleanAirDrom“ го реализира Општина Аеродром, а „Еуро-Екопак“ се вклучува како поддржувач и во рамки на активностите, поставени се машини за собирање пластични шишиња во девет училишта и две градинки. Секое шише има своја вредност и како директна субвенција се доделува на училиштето, односно на градинката во даден временски период, а врз основа на предодредена програма која општината ќе ја донесе за таа цел.

Имајќи предвид дека во општина Аеродром има 77.000 жители, над 2.500 деца во градинките и над 7.000 ученици во основните училишта, проценките се дека на годишно ниво можат да се обезбедат и до 1,3 милиони денари за 11 училишта и градинки преку овој пилот-проект. Колку повеќе се селектира, толку повеќе се донира за овие институции.

Проектот „Clean AirDrom“ е финансиран од Европската Унија, кофинансиран од Швајцарската агенција за поддршка и развој преку Министерството за локална самоуправа. „Еуро-Екопак“ веќе планира и голем број на други активности за подигање на јавната свеста во насока на почиста животна средина.

ИЗДВОЕНИ