Оваа година износот е 229 милиони денари, што е двојно поголема сума споредено со претходната година и овие пари се поделени во четири групи на намени – по 100 милиони денари за изработка на техничка документација за канализациска мрежа и водоводни системи, а можат да аплицираат општините или здруженијата на општини, како и општините во Градот Скопје и Градот Скопје. Десет милиони денари се определени за поттикнување образовни, истражувачки и развојни студии, програми и проекти за заштита и унапредување на животната средина и природата и за обуки 19 милиони денари, а за нив можат да конкурираат правните и физичките лица, непрофитните и невладините организации и научните и образовните институции
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) објави јавен повик за распределба на средства за финансирање и реализирање програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2025 година, кој се спроведува секоја година. Ресорниот министер, Изет Меџити, вели дека целта е да се поттикне да се финансираат конкретни активности што ќе придонесат за заштита, унапредување и одржливо управување, што е од суштинско значење за благосостојбата на сите граѓани.
Оваа година износот е 229 милиони денари, што е двојно поголема сума споредено со претходната година и овие пари се поделени во четири групи на намени.
– За изработка на техничка документација и изградба на канализациски системи и системи за одведување и пречистување на отпадните води во насока на заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите, во износ од 100 милиони денари ,можат да аплицираат општините или здруженијата на општини, како и општините во Градот Скопје и Градот Скопје. Исто така, 100 милиони денари се наменети за општините или здруженијата на општини, како и општините во Градот Скопје и Градот Скопје за изработка на техничка документација и изградба на водоводни системи во насока на заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите – истакна Меџити.
За поттикнување образовни, истражувачки и развојни студии, програми и проекти за заштита и унапредување на животната средина и природата се предвидени 10 милиони денари и за нив можат да конкурираат правните и физичките лица, непрофитните и невладините организации и научните и образовните институции. Додека, пак, за реализирање проекти и активности за подигање на јавната свест, едукација и обука во областа животна средина се издвоени 19 милиони денари.
– Средствата за реализација се обезбедени од еколошката такса што се прибира при регистрација на моторните возила. Транспарентноста и објективноста се основата за нашиот пристап. За независните организации, услов е да бидат регистрирани најмалку една година пред објавувањето на огласот, нивното работење и дејствување да е насочено кон пошироката јавност и кон интересите на заедницата, во корелација со статутот и програмските активности на здружението и да не добиле средства или поднеле барање до друг орган на државната управа или други извори на финансирање за исти проекти/активности за кои поднесуваат барање, а што би значело двојно финансирање на истите проекти/активности од различни извори.
За да можат да аплицираат, општините, правните и физичките лица, непрофитните и невладините организации и научните и образовните институции треба да исполнуваат одредени критериуми припишани во јавниот повик на МЖСПП.
– Критериумите што треба да ги исполнуваат општините или здруженијата на општини, општините во Градот Скопје и Градот Скопје што учествуваат на овој конкурс се дека треба да имаат усогласеност со националните политики и стратегии за животната средина и активноста/проектот да е во согласност со политиките и стратегиите на РСМ за заштита на животната средина. Сите барања ќе бидат детално разгледани од жири-комисија, а резултатите ќе бидат јавно објавени на страницата на МЖСПП. Грижата за животната средина е заедничка и бара посветеност, визија и конкретна акција. Со овој конкурс, МЖСПП им дава вистинска поддршка на оние што имаат капацитет, желба да придонесат за почиста вода, за поздрава почва, за позачуван биодиверзитет и за подигнување на свеста кај населението за заштита на животната средина – рече Меџити.
Аплицирањето започнува денеска и ќе трае во наредните три недели.
(С. Бл.)